ЌЕ ЗАИГРА „МЕТЛАТА“ КАЈ АРСОВСКА И ВО „КОМУНАЛНА“ Владата нареди итни инспекции поради „планините“ отпад во Скопје
Владата ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во координација со Министерството за внатрешни работи, веднаш да отпочнат со вонреден инспекциски надзор на територијата на Град Скопје.
Поради сериозниот проблем со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, Владата на денешната седница донесе одлука за итно активирање на повеќе инспекциски служби и институции.
Според владините заклучоци, се задолжуваат Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во координација со Министерството за внатрешни работи, веднаш да отпочнат со вонреден инспекциски надзор на територијата на Град Скопје.
Нивната цел е да се утврди вистинската состојба со комуналниот и други видови отпад, како и да се преземат конкретни мерки и активности за надминување на кризата која, според Владата, веќе претставува опасност по здравјето на граѓаните.
Воедно, Министерството за внатрешни работи е задолжено, во соработка со надлежните инспекторати и Секторот за инспекциски надзор на Град Скопје, да го испита работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, како и постапувањето на градоначалничката Данела Арсовска, во врска со несобирањето на отпадот низ главниот град.
„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување, ги повикуваме институциите веднаш да постапат по донесените заклучоци на Владата“, се наведува во владиното соопштение.
Граѓаните веќе со денови реагираат дека купишта отпад се наталожени околу контејнерите низ повеќе општини во главниот град, што предизвикува неподнослива миризба и страв од можни здравствени последици.