ЌЕ УСЛЕДАТ КАЗНИ И БЛОКАДИ Над 7.000 фирми не ги подмириле даночните обврски кон државата

Управата за јавни приходи соопшти дека по истекот на рокот за пријавување и плаќање на ДДВ за третиот квартал од 2025 година, над 9.000 обврзници сè уште не ги исполниле своите законски обврски. Од институцијата најавуваат опомени и мерки за присилна наплата.

175

Заклучно со 27 октомври 2025 година, истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночните обврски за третиот квартал од 2025 година.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) информираат дека дел од даночните обврзници сè уште не ги исполниле своите обврски, и покрај повеќекратните потсетувања и известувања од институцијата.






– Според нашата евиденција, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг – велат од УЈП.

Од таму додаваат дека редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, и потсетуваат дека системот функционира само кога сите учесници постапуваат навремено.

– До сите даночни обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг, веќе се доставени персонализирани известувања. Во тек се активности со сметководителите и обврзниците за навремено подмирување на долговите и избегнување на блокади на сметки – појаснија од институцијата.

Од УЈП нагласуваат дека за секој ден на задоцнување се пресметува камата од 0,03% од преостанатиот долг, а постои и можност за изрекување дополнителни глоби.

– Важно е да се почитуваат роковите, бидејќи по доставата на опомените ќе следи постапка за присилна наплата кај сите што нема да го платат долгот доброволно – потенцираат од Управата.

Институцијата апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, за да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици.

За дополнителни информации, граѓаните и фирмите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected]
или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен).

Поврзани содржини