Ќе „умрете“ чекајќи да извадите умреница, Управата за водење на матични книги засега нема чаре за гужвите
Свесни сме дека има гужви, работиме со полна пареа, но толкави се капацитетите со кои располагаме во ситуација на пандемија, вели за Плусинфо портпаролката на Управата за водење на матични книги, Катерина Битровска.
Револтирани граѓани реагираат дека на студ и по неколку часа чекаат да извадат умреница, дека се создава метеж за време на пандемија и дека во Управата за водење на матични книги работи само еден шалтер, па невозможно е работата да се заврши побрзо. Тие апелираат Управата да отвори повеќе шалтери за да се намали чекањето и да се избегнат гужвите.
Од Управата за водење на матични книги за Плусинфо потврдуваат дека има гужва, бидејќи работи само еден шалтер, но додаваат дека поради коронавирусот вработените ротираат, а имаат и такви кои се болни и кои се во самоизолација. Чаре за да се забрза процесот на добивање на потребните документи засега од Управата немаат, бидејќи како што велат, толкави се капацитетите на државата.
– Луѓе, не дај Боже некој близок да ви почине периодов. За да поднесете документи за да извадите умреница во Управата за водење на матични книги се чека 4 часа и тоа надвор на ладно, на промаја. Во просториите пуштаат еден по еден. Бројчето со ред на чекање ми беше издадено во 10.27 часот, а влегов во 14.15 часот. Има само еден шалтер и тоа шалтерот број 6 за пријавување на починати лица. Земаш бројче и ти велат „пред вас чекаат 20 лица“. Не е проблем што чекаат 20 лица, проблем е што уште толку влегуваат со врски, а само еден шалтер работи. Откако луѓето пред врата почнаа да се бунат, во 14.15 часот нè пуштија внатре тројца одеднаш. И што ако нè пуштија, кога внатре уште 30 минути чекав да дојдам на ред – реагира скопјанка преку Фејсбук.
Таа реагира дека се чека и за вадење на интернационална умреница.
– На електронска пошта испраќаат порака дека документот е изготвен и да одиш да го подигнеш. Два и пол часа чекав на шалтер број 2. И тука со врски, преку ред еден куп влегуваат, а ти си чекаш, си чекаш, да ти се појави твојот број со ред на чекање. Ништо не функционира како што треба – вели скопјанката.
Од Управата засега не гледаат решение за проблемот.
– Точно е, има гужва. Основна причина за тоа е дека сите институции, па и нашата се десеткувани со вработени. Во Управата за водење на матични книги има вработени кои се заболени од ковид-19 и вработени во самоизолација. Работиме по принцип на ротација. Би апелирала граѓаните без потреба да не доаѓаат на шалтерите, односно наследниците на кој им треба документ за починато лице од пред неколку години, електронски да аплицираат и да не доаѓаат на шалтери. По порака ќе добијат известување дека документот е готов и тогаш нека го подигнат. Граѓаните, пак, кои вадат документ за сега починато лице, мора да дојдат на шалтер. Свесни сме дека гужви има, работиме со полна пареа, но тоа се капацитетите со кои располагаме во ситуација на пандемија. По аплицирањето, извод за починато лице граѓаните добиваат по 5 до 7 дена – ни изјави Катерина Битровска, портпаролка на Управата за водење на матични книги.