ЌЕ УЧАТ И ПРЕКУ НАЈУСПЕШНИТЕ ПРИКАЗНИ Бишев зборува за новата стратегија за обука на младите менаџери
Во современиот свет знаењето сѐ повеќе станува апликативно. Во програмите за високо образование како составен дел на образованието сѐ повеќе се вклучува практичната работа. Гледано од тој аспект, она што го прави Стопанската комора на Северна Македонија е во согласност со трендовите во високото образование и светските практики, вели Бишев.
Нашиот пристап не е кои се проблемите, туку, кои се успешните приказни, кои се факторите и кои се најдобрите практики за успех, за меѓународно конкурентна и профитабилна компанија, која е општествено одговорна и дава придонес во општеството. Преку изнесување на позитивни домашни и странски успешни примери, ние сакаме да го зголемиме ентузијазмот и мотивираноста и да створиме менаџери/претприемачи кои се подготвени да се справат со секаков предизвик, вели во интервјуто за МКД.мк Глигор Бишев, генерален извршен директор на „Шпаркасе банка“ АД Скопје.
Бишев волонтерски ја извршува и улогата на претседател на Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Македонија. Тој како ментор на Програмата за менаџери претприемништво и лидерство вели дека на овие предавања ќе се зборува за перспективите за иновации, знаења и развој на нови услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Обуката почнува на 9 декември, а ќе трае до почетокот на јуни 2022 година.
– Во современиот свет знаењето сѐ повеќе станува апликативно. Во програмите за високо образование како составен дел на образованието сѐ повеќе се вклучува практичната работа. Гледано од тој аспект, она што го прави Стопанската комора на Северна Македонија е во согласност со трендовите во високото образование и светските практики – вели Бишев.
Стекнатото знаење на универзитетите и практичното искуство е предуслов за учество на обуките што ги подготвува Комората.
– Високото образование и стекнувањето лидерски вештини се комплементарни процеси, кои се надополнуваат. Работејќи заедно, високо-образовните институции и Комората, преку пренесувањето на најдобрите бизнис практики, ќе дадеме најдобар придонес за развојот на претприемничкиот дух кај младите генерации, генерации што се подготвени да преземат прифатлив ризик, да развијат нови конкурентни бизниси и да ја динамизираат македонската економија. На тој план очекувам врската помеѓу високо-образовните институции, Комората и приватниот сектор сѐ повеќе да јакне и да се проширува.