ЌЕ ТРПИМЕ КРИТИКИ, САМО ДА СПАСУВАМЕ ЖИВОТИ „Безбеден град“ доби поддршка од Мицкоски кој повика системот да се прошири низ државата
Премиерот нагласи дека дел од прекршоците што системот ги регистрирал за само еден ден се особено загрижувачки, возење нерегистрирани возила, поминување на црвено и други опасни ситуации.
Системот „Безбеден град“, кој од вчера е ставен во функција и во декември испраќа само опомени, а од јануари ќе почне да казнува, доби силна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски. Тој истакна дека очекува системот да се прошири на целата територија на државата.
Премиерот беше дециден дека Владата е подготвена да се соочи со политички последици, доколку тоа значи спасување човечки животи.
– Го поддржувам „Безбеден град“ и поддржувам да се прошири на цела Македонија. Подготвени сме да го издржиме и политичкиот удар, само да спасиме некој човечки живот – изјави Мицкоски, додавајќи дека само во последните две недели во строгиот центар на Скопје загинале три лица.
Тој нагласи дека дел од прекршоците што системот ги регистрирал за само еден ден се особено загрижувачки — возење нерегистрирани возила, поминување на црвено и други опасни ситуации.
– Ако спасиме барем еден живот, јас сум подготвен да понесам политичка одговорност. Овие животи се губат поради непочитување на правила, а тоа е катастрофа – додаде премиерот.
Министерството за внатрешни работи и Владата, според него, остануваат решени да ги спроведат сите мерки за поголема безбедност на улиците.