Е-трговците ќе добиваат „беџ за верификуван е-трговец”
Листата со е-трговци од нашата земја кои се верифицирале ќе биде достапна и во вид на редовно ажуриран регистар, кој ќе биде јавно достапен и објавен на веб страницата ecommerce4all.mk.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните правила и законски прописи од останатите онлајн продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.
Главна причина за започнување со оваа активност, како што велат од Асоцијацијата за е-трговија, е потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.
Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано сите неопходни законски регулативи во работењето.
– Овој беџ не ги опфаќа сите е-трговци во нашата земја и истиот ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ за верификација, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата – велат од Асоцијацијата.
Помеѓу условите кои еден е-трговец треба да ги исполнува се: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има поставена политика за враќање на производите, политика за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат, да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите итн.
Сите заинтересирани е-трговци, ќе може да се информираат подетално и да аплицираат за беџ за верификација преку веб платформата ecommerce4all.mk
Листата со е-трговци од нашата земја кои се верифицирале ќе биде достапна и во вид на редовно ажуриран регистар, кој ќе биде јавно достапен и објавен на веб страницата ecommerce4all.mk.