ЌЕ СТОРАМ СЀ ЗА ДА ГО ПОБЕДАМ РАКОТ Кејт Мидлтон им се врати на своите благороднички обврски
Мојот пат до излекување и целосно закрепнување е долг и морам да продолжам да го доживувам секој ден онака како што доаѓа, рече принцезата Кејт.
Принцезата од Велс го одржа својот прв состанок во замокот Виндзор по завршувањето на хемотерапијата. Кејт Мидлтон, која минатата недела откри дека нејзиното лекување е завршено и дека полека ќе се враќа на благородничките обврски, во интимно видео, во кое е заедно со својот сопруг, принцот Вилијам и со нивните три деца, изјави дека со нетрпение го очекува враќањето на должноста, пишува британски Мирор.
– Мојот пат до излекување и целосно закрепнување е долг и морам да продолжам да го доживувам секој ден онака како што доаѓа – рече принцезата.
Кејт Мидлтон во вторникот имала состанок во замокот Виндзор, а станувало збор за нејзиниот проект од раното детство.
Инаку, Кејт е покровител на Кралската фондација на принцот и на принцезата од Велс.
Кенсингтонската палата потврди дека ова е прво забележано спомнување дека Кејт работи, откако таа за првпат беше хоспитализирана во јануари поради сериозна операција на абдоменот. Принцезата помина 2 недели во болница пред да биде отпуштена за да закрепне дома. Неколку недели подоцна, лекарите поставиле секундарна дијагноза на рак пред таа да започне циклус на превентивна хемотерапија.
– Моето патување против ракот беше сложено, застрашувачко и непредвидливо. Исто така, тоа ве доведува лице в лице со вашите сопствени слабости на начин на кој никогаш досега не сте размислувале, а покрај тоа ви дава и нова перспектива за сè – рече принцезата.
Таа додаде дека нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, постојано бил покрај неа.
– Благодарни сме за едноставните, но важни работи во животот кои многумина од нас честопати ги земаат здраво за готово… едноставно да сакаш и да бидеш сакан – додаде Кејт.
Потоа рече дека ќе направи сè што може и дека „животот без рак“ сега е нејзиниот „фокус“.
– Се радувам што ќе се вратам на работа и ќе преземам уште неколку јавни ангажмани во наредните месеци – додала таа.
Кралските извори велат дека принцезата ќе си го олесни враќањето во кралскиот живот со тоа што ќе работи од дома, како и дека ќе преземе некои ангажмани.