ЌЕ СТАНЕ ЛИ ЛЕВИЦА ВТОРА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА? Димитар Апасиев се фали и се жали на цензура

Лидерот на Левица вели дека партијата е оштетена и финансиски, за околу 400.000 евра, што требало да бидат искористени за платено политичко рекламирање. Но, Апасиев очекува токму поради тоа народот да се сврти кон оваа партија.

1,072

Левица ќе стане втора партија во Македонија, изјави нејзиниот претседател Димитар Апасиев на средба со граѓани во Велес. Тој нагласи дека ова е првпат партијата да има реални шанси во дел од општините да се позиционира веднаш зад ВМРО-ДПМНЕ, што според него е јасен сигнал за растечката поддршка и факторизација на Левица.

Апасиев, кој ја започна кампањата од својот роден град, посочи дека овие избори нема да имаат класична форма за Левица, поради, како што рече, цензура наметната од медиумите и институциите. Според него, партијата е ставена во нерамноправна положба, со што е нарушен плурализмот и демократијата во земјата.

Тој посочи дека поради ваквото ограничување, Левица е оштетена и финансиски, и политички. Апасиев објасни дека партијата била лишена од околу 400.000 евра што требало да бидат искористени за платено политичко рекламирање, а со тоа е ускратена можноста да ги допрат своите пораки до поширока публика.

„Нашите кандидати на трка од 100 метри тргнуваат од нула, а тие тргнуваат од 90 метри“, нагласи лидерот на Левица, додавајќи дека токму поради оваа неправда, очекува народот интуитивно да се сврти кон партијата и да ја поддржи. Апасиев предвидува историски изборен резултат и зголемен број советници, особено во Велес.

Тој изрази уверување дека младите гласачи полека, но сигурно, се определуваат за Левица, што ќе биде нивна најголема предност на овие избори. „Историскиот максимум што го имавме на парламентарните избори со над 70 илјади гласови сега ќе биде надминат“, истакна Апасиев.

Апасиев најави дека правдата за наводната дискриминација ќе ја бараат и на меѓународно ниво, пред Судот во Стразбур. Тој додаде дека политичката и материјалната одговорност ќе мора да ја понесат оние што ја оневозможиле Левица рамноправно да се натпреварува, а партијата по судски пат ќе ги бара сите средства што им следуваат.

Поврзани содржини