Ќе си останеме дома сè додека бројката на новозаразени е поголема од 28

Како може Босна и Херцеговина и Србија да се на листата земји за кои сега е дозволен влез во земјите на ЕУ,  а се со полоша статистика од нас? Еве денеска само во три града - Нови Пазар, Тутин и Врање има 240 нови случаи, а тоа е помалку отколку кај нас во целата земја. Па каде е тогаш кризата? - вели д-р Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје - Скопје.

6,865

За ЕУ на 15 јули да ја крене рампата за патување за државјаните од Македонија, произлегува дека треба да имаме по најмногу 28 нови случаи на ковид-19 секој ден. Се чини дека куферите на нашите граѓани кои би сакале да отпатуваат во некоја од земјите не ЕУ, но и во Грција, или на пример, во Црна Гора,  уште малку ќе останат неспакувани за тие дестинации, со оглед на тоа што последниве денови, но и недели, во земјава речиси и да нема под 100 новозаразени со вирусот.

Формулата за помалку од 20 нови случаи, денеска ја повтори и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.






– Прашањето за отворање или затворање на границите нема политика, клучен критериум е епидемиолошката слика. Клучен критериум за ЕУ е блиску до или под 20 нови ковид-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100.000 жители – рече Димитров и додаде колку повеќе се придржуваме до мерките – носење маска и држење дистанца, толку побрзо ќе ни бидат отворени сите граници.

За две недели тоа се 380 до 400 случаи на околу 2 милиона жители, односно по 28 новозаболени на ден.

Ставот околу затварањето на границата со Србија, како што објавивме, ќе се разгледува на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести, а на денешниот присуствувале и гости од странство – од Мисијата на ОБСЕ ОДИХР.

В.д. директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Александар Стојанов, вели дека податоците се малку дискутабилни гледајќи ги бројките во регионот.

– Како може Босна и Херцеговина и Србија да се на листата земји за кои сега е дозволен влез во земјите на ЕУ, а се со полоша статистика од нас? Еве денеска само во три града – Нови Пазар, Тутин и Врање има 240 нови случаи, а тоа е помалку отколку кај нас во целата земја. Па каде е тогаш кризата, а од Србија може да патуваат? Освен тоа, нашите податоци за бројот на нови случаи со ковид-19 се веродостојни, тоа го тврдам. Некогаш дури и претерувавме со евидентирање на лицата кои починале од нешто друго, а ги вбројувавме во дневната евиденција на починати од ковид-19, но без разлика, тие сепак имале коронавирус којшто можеле да го пренесат на друг – појаснува д-р Стојанов.

Во Институтот за јавно здравје, каде што секој ден се евидентираат новите случаи со вирусот велат дека за овој услов – колку заболени да имаме на 100.000 жители, во ИЈЗ досега немале официјално  ништо добиено.

Поврзани содржини