Ќе сфати ли СДСМ дека со политики што народот ги отфрла не може напред?

Зарем е тешко да се застане во линија на народот, наместо да се ставаш во ситуација да паднеш на петто место како политичка сила?

1,136

Ми доаѓа да прашам.

Како човек којшто верува во демократијата, ми доаѓа да прашам – што се случува со СДСМ? Дали и кога ќе започнат со вистинската внатрешна обнова? Кога ќе ја сфатат суштината за изборниот погром?






До кога на телевизиите ќе вртат старите истрошени политичари, коишто и доведоа до ваков резултат? До кога ќе го толерираат Венкота, којшто дури 30% од граѓаните не го познаваат како лидер на опозицијата?

Како може се уште да “верглаат” Љупче Николовски, Оливер Спасовски, Сања УЈП Лукаревска, па и Димитар Ковачевски и да претставуваат некаква политичка тежина?

А опозицијата е важна за демократијата и секако за контрола на власта, нели?

И во таа насока, кога мислат да се соочат со промена на ставовите коишто изгубија на изборите, или ќе ја продолжат истата лебедова песна?

Да речеме, главната битка, сега (а кога не била?), евроинтеграцијата, како и туркањето на рака за подобрување на онаа преговарачка рамка, за која токму истите ликови, погоре наброени, лажеа дека имаат национален консензус. И резултатот за тој така претставен “национален консензус” се изли на изборите.

Меѓу другото, убедливо победи опцијата за неприфаќање диктат. Победи опцијата за ДУИ во опозиција. Победи опцијата за посветеност кон реформи во судско-обвинителскиот систем, односно (според некои и дрски хируршки) реформи во делот владеење на правото.

И каде е тука свеста на опозицијата да прифати и да застане на линијата на народниот избор?

Секако, не барам ниту очекувам тоа да е бланко поддршка. Но, доволно би било да се порача: “Да, опцијата за ваква интеграција со условеност и диктат не успеа, затоа ја поддржуваме власта во нејзините напори…”

И секако: “Да, ја поддржуваме во идејата за условна уставна измена, за да не се злоупотребува ова прашање понатаму и сè да се сведе на Копенхашките критериуми, еднакво како за сите други членки и кандидати…”

И неизбежно: “Да, сметаме дека мора да се даде време и мора да постои опција за достоинствен евроинтеграциски процес за Македонците и за Македонија”.

Зарем е тоа тешко?

Зарем е тешко да се застане во линија на народот, наместо да се ставаш во ситуација да паднеш на петто место како политичка сила?

Зарем е тешко да се признае дека се згрешило?

Зарем е тешко да се даде не политичка, туку национална поддршка за ова прашање сега, после изборите?

Зарем е нормално, наместо да се прифати или да се пружи рака за обединување, да скокаш во уста дека се радуваш еднакво како и во соседството на истокот, за повторно одложен старт на преговори?

Не дека сум очекувал ваков суштински политички исчекор од истите лица во СДСМ по поразот на изборите, коишто и споредванкетите се на дното, на работ на опстанокот.

Но сепак, верувам дека во СДСМ има и мора да има и капацитет (умствен, демократски, човечки, политички), којшто или брзо ќе се избори за гласност во СДСМ, или ќе бара место во други политички организации.

А тоа на чистина ќе ја извади групацијата која до тука ги доведе и СДСМ и Македонија.

Просто, се прашувам повторно, што е подобро во моментов?

Поврзани содржини