ЌЕ СЕ ЗАТВОРАТ ФИРМИТЕ КОИ ПРОИЗВЕДУВААТ КЕСИ Дали со 15 денари за кеса државата ќе ја намали употребата на пластиката?
Фирмите кои произведуваат пластични кеси, иако ќе можат да произведуваат оксоразградливи кеси уште 1 година нема да можат да опстанат ниту 6 месеци поради високата цена и намалената побарувачка на кеси.
Забраната за употреба на оксоразградливите кеси и производите за еднократната употреба која стапува на сила од утре нема целосно да ги отстрани од употреба овие кеси, но ќе го намали производството од 70 до 80 отсто на 30 фирми производители на кеси. Тие велат дека со наметната цена од 15 денари која е неколкукратно повисока од производната цена нема да можат да издржат да работат ниту 6 месеци и ќе бидат принудени да стават клуч и да отпуштат 600 работници. Фирмите бараат одложување на примената на законот за 5 до 7 години, за да можат да го усогласат производството и да обезбедат суровини кои речиси и да не се произведуваат во светот.
Според законот се забрануваат оксоразградливите кеси, а во продажните објекти нивната цена ќе биде 15 денари, но, според Правилникот за примена на законот, на фирмите им се дозволува да произведуваат оксоразградливи кеси до 1 јануари 2023 година од кога ќе треба да почнат да произведуваат 100 отсто разградливи кеси. Тоа значи дека трговските објекти нема потреба да се ослободуваат од набавените резерви на оксоразградливите кеси, а граѓаните ќе ги плаќаат наместо 1 до 2 денари 15 денари.
Фирмите кои ги произведуваат овие кеси велат дека имале само 2 месеца за усогласување со законот и никој не ги консултирал за роковите. Според нив, далеку поголем проблем е цената по која ќе се продаваат кесите за граѓаните од 15 денари која е повисока од производната од 1,5 денари.
– Моментално во земјава се произведуваат оксоразградливи кеси кои ќе можат да се произведуваат до 1 јануари 2023 година, барем така е наведено во Правилникот на Министерството за животна средина кој сè уште не е официјализиран. За овие кеси државата наметна цена од 15 денари за да ја намали употребата од страна на граѓаните, што, пак, за нас ќе значи помала побарувачка на кеси и намалување на производството од 70 до 80 отсто. Со производство од 20 отсто ние нема да можеме да ги отплаќаме кредитите кои ги зедовме за набавка на машините ниту, пак, ќе може да обезбедиме плати за нашите вработени и уште помалку да обезбедиме пари за нови репроматеријали за производството што не чека од 2023 година кога кесите ќе треба да бидат 100 отсто разградливи – вели Игор Соколовски, производител на пластични кеси член на Сојузот на стопански комори.
Соколовски вели дека фирмите иако ќе можат да произведуваат оксоразградиви кеси уште 1 година нема да можат да опстанат ниту 6 месеци поради високата наметната цена и намалената побарувачка на кеси.
– Нема фирма која може да ги намирува сите обврски и да опстане со производство од 20 отсто кое нема да може да го пласира на пазарот. Ние нема да издржиме ниту 6 месеци под овие услови, бидејќи кесите веќе нема никој да ги набавува и ќе мора да затвораме. Или поточно во оваа година во која ќе произведуваме може да ги изгубиме и вработените, односно тие да ги напуштат фирмите бидејќи ќе знаат дека по 1 година повеќето од фирмите нема да работат. Тогаш, ако опстанеме ќе имаме уште еден проблем, нема да имаме вработени – додава тој.
Производителите на пластични кеси велат дека со нивно затворање без егзистенција ќе останат 600 работници и уште најмалку 5.000 други луѓе кои работат во дејностите кои се поврзани со работата на овие фирми.
– Затоа бараме продолжување на рокот за употреба на 100 отсто биоразградливи кеси за период од 5 до 7 години, кој би можеле да го искористиме за усогласување на машините и производството, но и за купување на суровини кои во моментов се дефицитарни на пазарот. Во овој период би можеле и да ги исплатиме кредитите кои се во траење од 7 години но и да ги покриеме другите вложувања кои ги презедовме во изминатиот период – вели Сколовски.
Неговиот колега Александар Боризовски информира дека снабдувачите со суровини во земјава за овој период успеале да набават само 1 палета од новата суровина за сите фирми во земјава што не покрива ниту 1 ден производство не една компанија.
– Суровината се добива од пченка и репка за кои имаме информација дека поради климатските промени немаат квалитет. Дополнително суровината е барана на светскиот пазар и тешко може да се набави. Снабдувачот информира дека успеал да набави само 1 палета што не може да покрие ни производство од 1 дена. Тоа ќе значи нов проблем за нас и ако се преструктурираме на целосно биоразградливо производство. Овој проблем ќе го имаме и во следните години, под услов да го преживееме периодов – вели Боризовски.
Тој додава дека иако се членки на Европската Унија, Бугарија и Грција сè уште не го забраниле производството и употребата на биооксиразградливите кеси, а цената по која се продаваат во овие земји е многу пониска од онаа што се предвидува со новиот закон.
Фирмите забележуваат и дека кесите коишто моментално се користат во земјава прават 1 отсто од целокупниот произведен отпад во земјава.
– Во маркетите може да се забележи огромна употреба на амбалажа од пластика, но за неа не се бара да биде 100 отсто биоразградлива. Затоа треба да се размисли добро кои се другите начини како пластиката да не заврши на отпад туку да се рециклира и повторно употреби. Сега кесите се палат и прават проблем во другиот отпад бидејќи се користат за одлагање на отпад. Зошто не се размислува дека и црните кеси кои се користат за отпад се исто така штетни за средината, но 60 отсто од нив се увезуваат без проблеми и посебни ограничувања – вели Боризовски.
Лани, Асоцијацијата за управување со отпад на Стопанската комора излезе со податок дека во земјава годишно се употребуваат меѓу 120 и 150 милиони пластични кеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика. Тоа е од 2 до 3 отсто од вкупниот отпад од пакување, но волуменски е многу.
Од дел од фирмите кои произведуваат пластични кеси кои се организирани во рамки на Стопанската комора засега нема никаква реакција.
Од Комората велат дека се обидуваат да го пренаменат производството, бидејќи знаат дека нема иднина за пластичните кеси.
Од Иницијативата за забрана на пластиката велат дека со новиот закон всушност уште една година нема забрана за кесите од оксопластика (пластика со адитиви), која најтешко разградлива.
– Кесите кои се произведуваат од оваа пластика, заедно со останатата пластика за еднократна употреба, се релативно мал дел од вкупниот пластичен отпад. Но, штетата што ја предизвикуваат е огромна, како во естетска смисла, така и од аспект на натрупување на ѓубре и загадување на природата со микропластика; имајќи предвид дека еднократната пластика не се реупотребува ниту пак се рециклира – велат од Иницијативата за забрана на пластиката.