ЌЕ СЕ ЗАЛАГАМЕ ЗА ДИЈАЛОГ СО ПОЧИТУВАЊЕ НА ДОСТОИНСТВОТО НА ДВАТА НАРОДИ Ковачевски се сретна со бугарскиот претседател Радев

Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, му порачал премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот претседател Румен Радев.

373

Ни претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.

Ковачевски изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.






– Ќе се залагаме за дијалог со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија. Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија – истакнал Ковачевски.

Бугарскиот претседател Румен Радев пред премиерот Димитар Ковачевски изразил очекување за зголемена доверба меѓу Софија и Скопје за да се олесни работата за нерешените политички прашања, кои го попречуваат почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, соопшти кабинетот на Радев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со работата по прашањата за економската соработка, културата и образованието, претседателот Радев очекува Софија и Скопје да обрнат внимание на нерешените политички прашања меѓу двете земји.

По средбата во четири очи со премиерот Ковачевски, Радев, како што соопшти неговиот кабинет, постави прашање за правата на граѓаните од Северна Македонија со бугарска самосвест и нивното впишување во Уставот на земјата.

Според Радев, впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Северна Македонија, гарантирањето на нивната рамноправност, со другите народи во земјата, ќе даде поттик и можност Бугарија да ја отвори вратата за почетокот на преговорите за членство.

– Заедно со тие механизми, кои ги разгледувавме и претходно во пакетот 5+1, веќе 4+1, ќе имаме неповратност и јасни механизми, кои ќе гарантираат и отстранување на јазикот на омраза од двете страни – истакна Радев.

Поврзани содржини