🎥 ЌЕ СЕ ВРАБОТАТ 16.000 МЛАДИ ГОДИНАВА Мерките на Владата ќе опфатат лица до 29 години
Со Оперативниот план за 2025 година се опфаќаат две главни точки. Првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади. Втората е вработување 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините. Сите мерки се креирани за да ги опфатат младите до 29 години.
„Еден од главните приоритети на Владата е зголемувањето на благосостојбата кај граѓаните, намалувањето на невработеноста и креирање мерки кои ќе бидат насочени кон ефективен пазар на труд. Заедно се бориме за заедничка иднина. Да не се заборави дека затекнавме хаос, работници кои не добиваат редовно плата, млади без перспектива и индустриско производство кое бележи минусни салда и инфлација. На последната седница срочивме оперативен план за вработување кој ќе понуди поддршка во работата вреден 40 милиони евра со кои ќе се опфатат над 16.000 наши сограѓани“.
Вака премиерот Христијан Мицкоски ја започна денешната прес-конференција во врска со Оперативниот план за вработување.
– Согласно Оперативниот план за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување. Со овој план се опфаќаат две главни точки. Првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади. Втората работа е вработување 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво. Сите мерки се креирани за да ги опфатат младите до 29 години – порача, меѓу другото, премиерот Христијан Мицкоски.
Освен тоа што Оперативниот план за 2025 година е наменет за младите до 29 години, сепак со него долгорочно им се помага и на невработените лица, додаде премиерот.
– Поддршка за самовработување, поддршка за вработување на лица со попреченост, обука на работно место, обуки и многу други мерки. Ги повикуваме граѓаните да се запознаат во целост со можностите што ги нуди Оперативниот план. Секој човек е важен, а ние како Влада ќе се обидеме да отвориме повеќе работни места – изјави Мицкоски.
Очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години. Младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила.
– Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Практикантство, чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.
– Младински додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството. Оваа мерка е насочена кон зајакнување на капацитетите на стопанството со намера поттикнување на ангажирање на младите лица до 23 години за вработување во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила. Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно по вработено лице.
Освен тоа што фокусот на Оперативниот План за 2025 е посебно насочен кон млади до 29 година, дополнително со него се помага и на долгорочно невработените лица, корисниците на гарантирана минимална помош и поддршка на други загрозени категории на граѓани. Дозволете ми таксативно да набројам дел од програмите и мерките:
Поддршка за самовработување (претприемништво)-невработени лица над 29 години која има потенцијал да опфати 610 граѓани;
Поддршка за вработување на лица со попреченост, со опфат од 150 лица;
Обука на работно место кај конкретен работодавач, со опфат од 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица;
Обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија за 200 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Но, и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми.
Збор зеде и министерот за економија Бесар Дурмиши.
– Со задоволство ќе кажам дека оваа година за мерки за вработување одвоени се 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе во споредба со ланската година. Тоа е знак дека Владата и министерството за економија се посветени за подобрување на пазарот на труд во земјата – рече Дурмиши.