ЌЕ СЕ ВОВЕДУВА 6 МЕСЕЦИ АМА УШТЕ НЕМА ДАТУМ КОГА ЌЕ ПОЧНЕ Европската унија го изгласа новиот Систем за влез и излез на патници
Со новиот систем се воведува дигитално евидентирање на влезот и излезот во ЕУ на државјани на земји кои не се членки на Унијата, при нивното патување на краток престој во држава од блокот со регистрирање на податоците од патните исправи на лицата, нивно фотографирање и земање отпечатоци од прстите.
Советот на Европската Унија денеска ја усвои Регулативата за постепено воведување на новиот Систем за дигитално управување за влез и излез на надворешните граници на Европската Унија (ЕЕС).
Со Регулативата се предвидува ЕЕС системот да почне да се воведува етапно во период од шест месеци. Одлуката за датумот од кој треба да почне постепеното воведување на системот дополнително ќе ја донесе Европската комисија.
Според данскиот министер за имиграција и интеграција Каре Дибвад Бек, силната заштита на надворешните граници е од витално значење за Европската Унија.
– Новиот Систем за влез и излез ќе ни помогне да осигураме дека државјаните на земји кои не се членки на ЕУ кои патуваат во Европа, ги почитуваат нашите правила. Тоа ќе ги направи нашите граници побезбедни, а граничните проверки поефикасни – оцени Дибвад Бек, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Со новиот систем се воведува дигитално евидентирање на влезот и излезот во ЕУ на државјани на земји кои не се членки на Унијата, при нивното патување на краток престој во држава од блокот со регистрирање на податоците од патните исправи на лицата, нивно фотографирање и земање отпечатоци од прстите.
Според оценките на ЕУ, со помош на ЕЕС системот надлежните органи за гранична контрола ќе имаат пристап до податоци што ќе овозможат проверка на идентитетот на државјаните од трети земји што пристигнуваат во Унијата и информации за тоа дали тие го почитуваат одобрениот период на престој во Шенген зоната. Како резултат на тоа, се очекува значително да се намали веројатноста за измама со идентитет и пречекорување на дозволениот престој.
Постепеното воведувањето на системот ќе трае 180 дена, при што во првите 30 дена во системот ќе треба да се евидентираат најмалку 10 отсто од лицата што ја минале границата, до 90 ден таа стапка треба да достигне најмалку 35 проценти, а до 180 треба да почне евидентирањето на сите преминувања на граничните премини.
Оваа методологија на воведување на ЕЕС системот е доброволна, што значи дека земјите членки на ЕУ, доколку сакаат, можат да го воведат целосно уште од првиот ден на неговото стапување во сила.
Во исклучителни околности, како на пример кога интензитетот на сообраќајот би довел до значително долго време на чекање на граничните премини, земјите членки имаат можност целосно или времено да го суспендираат работењето на ЕЕС системот.
До целосното стапување во сила на правилата, земјите-членки на ЕУ ќе можат да продолжат со рачно заверување на документите со печат во пасошите.
По истекот на шестмесечниот период, проверките ќе се вршат исклучиво електронски, со можни привремени исклучоци за одредени гранични премини каде што промените би предизвикале долги редици.