ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ ЕДИНСТВЕН ЕЛЕКТРОНСКИ БРОЈ НА ГРАЃАНИНОТ Ќе биде како и матичниот број, само анонимен
Тоа ќе биде репликација и во единствениот даночен број за граѓани, што значи ќе имаме анонимен број што ќе поврзува и ќе дава информација за секој граѓанин – рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Ќе се воведе единствен електронски број на граѓанинот, откако вчера на седница на Владата биле прифатени измени на Законот за Централен регистар на население – соопшти денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на панелот „Од интероперабилност до институционална отпорност, за искористување на потенцијалот на поврзаните податоци“.
– Тоа ќе биде репликација и во единствениот даночен број за граѓани, што значи ќе имаме анонимен број што ќе поврзува и ќе дава информација за секој граѓанин за да ги заштитиме граѓаните. Анонимизиран матичен број – истакна Андоновски.
Тој најави активности за поголема искористеност на Платформата за интероперабилност на Министерството за дигитална трансформација на која сега се приклучени само 78 државни институции, иако тоа е задолжително. За разлика од претходно, за тоа веќе е предвиден инспекциски надзор и прекршочни одредби. Тој очекува наскоро на платформата да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите, адвокатите, а ги повика и приватните компании од кои досега има само десетина.
Според Андоновски, со надградбите од минатата година платформата се полесно се инсталира и користи на најбезбеден можен начин.
– Со Платформата за интероперабилност за разлика од многу држави ние веќе ја имаме технолошката основа која подразбира комуникација помеѓу себе. Има и поразвиени држави од нас кои ја немаат оваа платформа и за секоја услуга развиваат билатерални врски една со друга институција. Тоа кај нас е олесено и со зголемување на бројот на институции го подобруваме процесот на многу едноставен начин. Ако еднаш се прикачила УЈП на платформата за нтероперабилност може да го користи за многу различни процеси – рече Андоновски.
Според него, проблемот е во однесувањето на институциите, а не во приватниот сектор. Користењето на оваа платформа е задолжително за сите институции, но како што рече, тоа што го замерува на претходниците е што во ниту еден закон досега немало инспекциски надзор и прекршочна обврска за институциите доколку не се приклучат и не разменуваат податоци.
За поддршка на процесот за поголема интероперабилност направена е набавка на хардверска ифраструктура која се инсталира неделава со што според министерот ќе се забрза размената на податоци и безбедноста на системот.