ЌЕ СЕ УРНЕ ГРАДИНКАТА „МАЈСКИ ЦВЕТ“ ВО ТАФТАЛИЏЕ На нејзино место ќе никне целосно нов и модерен објект до декември
Јакимовски најави дека децата кои сега престојуваат во „Мајски цвет“ ќе бидат префрлени во други објекти додека трае изградбата, а дел од нив ќе бидат сместени во поранешните простории на Општината, познати како „бараките на Карпош“, кои ќе бидат пренаменети за таа цел.
Градинката „Мајски цвет“ во скопската населба Тафталиџе 1 ќе биде целосно срушена, а на нејзино место ќе се изгради нова, поголема и посовремена градинка, најави денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
– Општина Карпош изработи комплетен проект за уривање на постоечката градинка и изградба на нова, со поголем капацитет и повеќе занимални. Тендерот ќе се отвори на 27 мај, а преку Советот на општината издвоивме 111 милиони денари. Ако се почне со работа некаде меѓу 15 и 20 јуни, очекуваме целата изградба да биде завршена до 1 декември – изјави Јакимовски.
Според него, новата градинка ќе биде енергетски ефикасна, современо проектирана и безбедна од пожари, за разлика од постојниот објект кој датира од времето по скопскиот земјотрес.
– Ќе згрижиме повеќе деца, а просторот ќе биде побезбеден. Сегашната градинка е делумно составена од бараки. Новата ќе биде на едно ниво, бидејќи урбанистичкиот план не дозволува зголемување на висината – додаде тој.
Јакимовски најави дека децата кои сега престојуваат во „Мајски цвет“ ќе бидат префрлени во други објекти додека трае изградбата, а дел од нив ќе бидат сместени во поранешните простории на Општината, познати како „бараките на Карпош“, кои ќе бидат пренаменети за таа цел.
Паралелно со ова, по завршување на новиот објект во Тафталиџе, ќе започне и изградба на нова градинка на местото на сегашната „Пролет“ кај Канела, како и нова градинка во населбата Козле.