ЌЕ СЕ УРИВА ЛИ ТОА ШТО ОСТАНА ОД УНИВЕРЗАЛНА САЛА? Статичарите пресметуваат дали опожарената метална конструкција ќе може да го крепи објектот
Во салата, за време на пожарот немало работници затоа што изведувачот „Универзал Балкан“ и „Актива Штип“ престанале да работат десетина дена претходно по завршувањето на првата фаза. Се чекал почетокот на втората фаза, за која е распишан тендер, но не е избран изведувач. Истиот изведувач учествува на тендерот.
Надзорот на изградбата на Универзална сала која во вторникот пламна во пожар рече дека е можно да има потреба од промена и на новата метална конструкција после вештачењето од страна на институциите.
– Ќе има веројатно вештачење и ќе треба да се испита новата конструкција, тоа ќе го прават институти и треба да се покаже дали егзистенцијата на материјалот не е нарушена. Ако не е, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку е спротивното, нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција. Позицијата која е руинирана, која се запали е позиција за која има распишано јавна набавка. Колку време ќе трае тоа, не зависи од нас, МВР сѐ уште прави увид, сигурно ќе има вештачење од Обвинителството или некои засегнати страни. Тоа е процес и на крајот ќе треба испитување на целиот материјал, односно на критичниот материјал кој беше најизложен на огнот – рече Љубин Макаровски кој го прави надзорот.
Во салата, за време на пожарот немало работници затоа што изведувачот „Универзал Балкан“ и „Актива Штип“ престанале да работат десетина дена претходно по завршувањето на првата фаза. Се чекал почетокот на втората фаза, за која е распишан тендер, но не е избран изведувач. Истиот изведувач учествува на тендерот.
Сопственикот на компанијата која ја вршеше реконструкцијата на Универзалната сала Лазар Арсовски рече дека во глобала во Универзална сала изгореа елементи коишто требаше да бидат дислоцирани од објектот.
– Сè што беше вредно и за во музеј и за да се искористи, беше извадено уште во 2021 година од салата. Не се согласувам дека пожарот направи корист, односно дека изгорело ѓубре кое требало да биде изнесено. 70% од материјалот е дислоциран од местото, остана само некои работи како стара иверица и стар челик. Пожарот не ни ја олесни работата, напротив, сега ние потешко затоа што треба да се направи нов елаборат како ќе се извади стариот челик од таму. Универзална сала не изгоре, туку само градежни работи кои требаше да бидат дислоцирани од таму. Работата на новиот објект може брзо да почне. Само да се увиди дали има штета на самата челична конструкција. Доколку има, тогаш тие делови од констуркцијата треба да бидат заменети – рече Арсовски.
Според него, сега работата им е отежната бидејќи стариот челик е паднат долу и потешко е да се извади.
– Сега треба да се направи нов елаборат и да се види како ќе го дислоцираме, за да не направиме проблем. Универзална сала не изгоре, туку изгореа градежните работи коишто требаше да бидат дислоцирани од објектот – додаде Арсовски.
Тој потенцираше дека при пожарот не се создаде поголема штета на самиот проект.
– Доколку металната конструкција е оштетена ќе биде заменета, а доколку само делови се оштетени, ќе бидат променети само тие делови. Запалениот дел требало секако да се реконструира, а за тоа до сега не се потрошени пари бидејќи истото требало да се случи во втора фаза – додаде тој.
Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, од Министерството за внатрешни работи, од Државниот инспекторат за труд. Упатија апел да не се шират шпекулации до официјалните информации за причините и за штетите од пожарот.
– Едно сакам да ја уверам македонската јавност, дека по завршувањето на овој процес, градежните активности ќе продолжат и Универзална сала ќе се изгради и Универзална сала ќе биде вратена на скопјани – изјави вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и додаде дека она што се случи со Универзална сала, за жал, е една поразителна слика за сите.
ВДИШАЛЕ ЧАД ОД ПОЖАРОТ КАЈ УНИВЕРЗАЛНА САЛА Две жени се пренесени на Токсикологија
📷 ЅИРНЕТЕ НИЗ ГЛАВНИОТ ВЛЕЗ Еве како изгледа Универзална сала неколку часа по пожарот