ЌЕ СЕ УНИШТАТ 9.000 СВИЊИ ПОРАДИ АФРИКАНСКА ЧУМА Жителите на Таринци не дозволуваат да се ископа јама, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта не ја сфатила болеста сериозно
Агенцијата за храна појаснува дека овие животни треба да се уништат и закопаат во соодветна јама, а локацијата треба да ја обезбеди општината Карбинци. Доколку не се почитуваат законските обврски жителите на селото и градоначалникот можат да завршат и во затвор.
Агенцијата за храна и ветеринарство денеска потврди дека во комерцијална фарма за свињи во карбинското село Таринци е потврден најновиот позитивен случај на болеста африканска чума кај свињите и тоа кај 9 животни, но мора да се уништат вкупно 9.000 животни во оваа фарма.
За да се закопаат овие животни треба да се ископа јама, но жителите од селото не дозволуваат, со што според АХВ, се кршат законите и правилата за безбедно отстранување на заразените животни.
– Овие животни, согласно највисоките светски стандарди треба нештетно да се отстранат, односно да се закопаат во јами, без никакви последици по здравјето на другите животни, луѓето ниту човековата околина. АХВ уште од првиот ден е во интензивни контакти со локалната самоуправа која има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни. Како одговорна институција за здравствената заштита на животните, апелираме брзо да се реагира од страна на локалната самоуправа бидејќи станува збор за болест која брзо се шири и која нанесува големи финансиски загуби. Неминовно е одговорно однесување и од страна на сточарите и од локалните самоуправи – се вели во соопштението на АХВ.
Од Агенцијата потсетуваат и на казнените одредби од Кривичниот законик кои се однесуваат на епидемија или добиточна болест.
„Согласно член 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување на болест е кривично дело за која е предвидена парична казна или затвор до 3 години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета“, наведуваат од АХВ.
Според податоците, за година и половина по појавувањето на првиот случај на болеста во делчевското село Драмче, до последниот позитивен случај во село Таринци, убиени и нештетно отстранети се околу 3.500 свињи.
Жителите на селата Таринци и Нов Карорман заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вчера организираа протест и не дозволија да се ископаат јами, во кои ќе се закопаат заболените свињи од африканската свинска чума во фармата која е во близина на селото Таринци.
На состојбата реагираше и опозициската ВМРО-ДПМЕ од каде што велат дека навреме не се преземени мерки и затоа болеста се заканува да ја уништи целокупната популација на свињи во земјава.Од партијата бараат итна реакција и апелираат фармите да ја подиганат на биосигурносните мерки на највисоко можно ниво како единствен ефикасен начин на превенција од болеста.
– Штетите кои ги предизвика африканската чума во фармата „Агриа“ се речиси над 2,5 милиони евра. Неспособноста и некадарноста на министерот Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски испливаа на површина. Изминатите години сериозно алармирав дека надлежните институции како МЗШВ и АХВ, не ја сфаќаат сериозно ситуацијата со африканската чума и мерките кои ги носеа или беа задоцнети или не го постигаа ефектот. Предлагавме низа решенија и мерки, но Николовски и Бабовски беа без слух, и затоа денеска ситуацијата со африканската чума е пресериозна – изјави претседателот на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.
Според него, најбрзорастечката сточарска индустрија во ресорот земјоделие, свињарството, е под закана целосно да згасне, а со тоа да останеме без единствената свежа домашна суровина – свинско месо.
– И сето ова е поради непрофесионалноста и немањето на капацитет на Николовски и Бабовски да ги решат проблемите. Бараме итна реакција од институциите. А до фармите ширум државата апелираме да ги подигнат биосигурносните мерки на највисоко можно ниво како единствен ефикасен начин на превенција од болеста, бидејќи очигледно е дека владата, МЗШВ и АХВ се неспособни да се справат со болеста – рече Трипуновски.