ЌЕ СЕ УЧИ ИСТРАЖУВАЧКО НОВИНАРСТВО ОД МАЛИ НОЗЕ Новина во предметот Гаѓанско образование

Модулот веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.

59

Во основните школи, во осмо и деветто одделение, ќе се изучува истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, кој треба да биде еден вид практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.

Оваа новина во образованието беше претставена денеска во Собранието од ресорната министерка Весна Јаневска, а на настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарија во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.






Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.

– Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока – рече Јаневска.

Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки. Децата од најрана возраст треба да учат дека сите, без разлика на раса, пол, религија или социоекономски статус, имаат еднакви права и можности. Вештините како критичко размислување, тимска работа и дијалог, кои гарантираат функционална демократија, најдобро се усвојуваат кога се интегрирани во наставните програми.

Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.

Поврзани содржини