ЌЕ СЕ РЕВИДИРА СТАТИСТИКАТА НА ПОЧИНАТИ ОД КОВИД Мехмедовиќ објасни дека немало манипулација, туку погрешно водена статистика
Според Мехмедовиќ, комплетната статистика на починати ќе се ревидира за да се утврди колкумина од нив навистина починале како последица од корона вирусот.
Доктор Злате Мехмедовиќ објасни дека зборот манипулација кој го кажал утрово во интервју на „Утрински брифинг“, бил погрешно протолкуван, бидејќи не се работи за прикривање на бројки, туку за можна „погрешно водена статистика во однос на починатите лица со ковид-19“.
„Би сакал да појаснам, пред сѐ, поради големиот интерес на новинарите што точно значи ‘манипулацијата’ со бројките. Не се работи за манипулација на бројките од страна на претходната Комисија за заразни болести, туку за начинот на кој се интерпретираат бројките во јавноста. Долго време се разговараше на темата дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај кај кои е посмртно докажано присуство на коронавирусот, а тоа може да биде и причина за големата смртност, и тоа е нешто за што ќе се отвори дискусија на КЗБ. Комисијата за заразни болести водела точна евиденција согласно препораките на СЗО за смртноста и не станува збор за манипулации на тие бројки, туку за манипулациите и дезинформациите во јавноста поврзани со смртноста за која основната причина е ковид. Зборот манипулација беше погрешно употребен и требаше да биде дообјаснет, на Комисијата за заразни болести ѝ се извинувам за недоразбирањето“, напиша д-р Мехмедовиќ на својот профил на Фејсбук.
Според него, комплетната статистика на починати ќе се ревидира за да се утврди колкумина од нив навистина починале како последица од корона вирусот.
– На некои од следните состаноци ќе го разгледаме и ова прашање и ќе утврдиме на кој начин би можело да се направи селекција кои од починатите починале како последица од вирусот, а кои починале од некое друго заболување или во сообраќајна незгода, а во себе го имале и корона вирусот кој им бил детектиран по смртта – вели Мехмедовиќ.