ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА И ОСТАВКАТА? Заевистите отвораат фронт со крилото на Шекеринска, Заев не ги дава фотелјите!

Најавата за голема реконструкција на Владата може да значи дека Заев се откажал и од одложените оставки. Партиски извор за Плусинфо вели дека тој сепак нема да ги напушти функциите без борба.

9,157

Додека медиумите наголемо лицитираат кој би можел да го наследи Зоран Заев на функциите претседател на СДСМ и претседател на Владата, во кулоарите сè повеќе се шпекулира дека во владејачката партија пак се разгорува ривалството меѓу двете неформални фракции во партијата, едната што безрезервно го поддржува Заев и другата која е приврзана до Радмила Шеќеринска, дознава Плусинфо од партиски извори.

Исходот од битката за тронот на Бихаќка ќе биде познат најверојатно во јануари, кога Заев ќе одлучи дали ќе ги активира одложените оставки на двете функции. Во меѓувреме, се вртат нови имиња. Интересно е дека речиси никој не ги потврдува, но ниту ги демантира шпекулациите.






Заев ќе потпише сè што треба со Бугарите, само за да остане премиер, но …

Повеќе медиуми веќе известија дека Заев се откажал од намерата да ги раздвои функциите лидер на СДСМ и премиер, а денеска тоа го потврди и партискиот претседател Фатмир Битиќи, најавувајќи голема реконструкција на Владата, во која ќе има шест или седум нови министри.

Откако успеа скандалозна операција за спас на Владата од изгласување недоверба на Владата, видно охрабрен и од најавите на опозицијата дека нема да го блокира парламентот при донесувањето на буџетот, Заев привремено се консолидира и повторно е решен да се коцка. Тој пак се надева на почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската унија и на симнување на бугарското вето.

– Иако од Бугарија стасуваат предупредувањата дека политичките промени таму нема суштински да ја променат позицијата на Софија во спорот со Скопје, Заев се надева дека бриселските бирократи во следните недели, до средината на декември, ќе успеат да ја натераат новата влада да се откаже од ветото. За возврат, тој е спремен да потпише секаков документ за да ги задоволи апетитите на Софија, освен таков што би значел итни промени на Уставот и гаранции за кои македонскиот парламент би требало да се изјасни веднаш, со двотретинско мнозинство. Тоа е нешто што Заев во овој момент не може да го испорача – вели извор на Плусинфо.

Ако и Софија реши да се коцка, не е невозможно ветото да падне до средината на декември. Но, познавачите на приликите во Софија велат дека е мала веројатноста тоа да се случи. Во овој момент, неизвесно е дали Бугарија ќе добие нова влада. Ако добие, прашање е колку ќе биде стабилна и колку време ќе ѝ треба да зајакне. Претседателот Румен Радев останува во овој момент најмоќната политичка фигура во Бугарија, а тој, како што е познато, инсистира на гаранции за сè што Заев е спремен да вети и да даде. – Нема дилеми дека Заев е спремен да даде многу. Тој тоа и јавно го кажа, а еднаш веќе ни покажа дека е спремен да се согласи и на отстапки со кои директно се негира македонскиот идентитет. Но, нема да биде доволно што ќе прифатат Заев и ДУИ, битно е какви гаранции може да испорачаат, кога немаат стабилна мнозинска поддршка во парламентот, а камоли двотретинско мнозинство – брифира нашиот извор.

Ако оваа ризична операција не успее, од Заев ќе се очекува во почетокот на јануари да ги активира одложените оставки. Барем така наложува политичката логика. Кој би можел да добие шанса да ја води Владата и да го преземе водството на Бихаќка во такви околности?

Заевистите се вкопуваат во рововите и ги вадат пушките

Како што објави Плусинфо, пред само десетина дена од СДСМ брифираа дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска, најискусниот кадар во овој партиски состав, има најголеми шанси да седне во премиерската фотелја, откако Зоран Заев ќе ја официјализира својата оставка. Шекеринска има најголема поддршка од странските дипломати, а како нејзин најголем адут се смета членството на Македонија во НАТО, најголемото достигнување на владата на СДСМ и на ДУИ. Исто така, се смета дека изборот на Шекеринска на чело на новата влада ќе предизвика најмалку турбуленции во СДСМ, но и најмалку недоумици кај коалициските партнери.

Но, како што дознаваме, веројатно свесна дека нејзината амбиција би можела да ги вознемири најлојалните кадри на Зоран Заев, Шекеринска во меѓувреме се притаи, а во јавноста почна да се лицитира со имиња на луѓе за кои се смета дека се блиски до нејзината неформална фракција. При тоа, како најсериозен потенцијален кандидат на оваа група, во која наводно се и Мила Царовска, Јагода Шахпаска и други кадри од вториот партиски ешалон, е Петре Шилегов, доскорешниот градоначалник на Скопје. Шилегов, пак, мудро ги одмолча шпекулациите.

Дека ривалството со заевистите сепак е обновено се потврди и од лиферување на имиња на партиски кадри за кои се тврди дека му се лојални на Зоран Заев. Меѓу другите, веројатно како најсериозни опции, се завртеа имињата на Љупчо Николовски и на Стефан Богоев, доскорешниот градоначалник на скопската општина Карпош. Како котира Николовски ќе се знае по најавената реконструкција на Владата. А за Богоев, пак, се тврди дека му е лојален на лидерот и дека би можел да биде одличен избор за човек што ќе му го грее столчето додека Заев сонува да се врати на бел коњ.

Извори на Плусинфо тврдат дека луѓе кои се претставувале како емисари на Заев брифирале партиски кадри од пониските ешалони дека дошло време заевистите да ги консолидираат редовите, затоа што Радмила Шеќеринска била со сериозна намера да ја преземе партија по оставката на нивниот идол. Не се знае дали Заев ги мотивира ваквите акции, но се претпоставува дека и тој и Шекеринска мудро молчат, додека некои други во нивно име ја водат играта. Тоа е обичај во СДСМ.

Што гледа Заев во Ковачевски – греач за столчето или амбициозен лидер?

Сепак, медиумската промоција на Димитар Ковачевски како фаворит за нов иден премиер и за лидер на СДСМ, на порталот Фокус, покажа дека Заев сепак би можел да одлучи самиот да си го избере наследникот. Дали Заеви имаат некаква бизнис релација со заменик-министерот за финансии и членот на Извршниот одбор Ковачевски, како што се шпекулира, или Зоран Заев во него препознава најлојален наследник, засега не е јасно. Но, партиски извори за Плусинфо велат дека идејата за Ковачевски потекнува директно од Заев и дека за оваа комбинација разговараат само тие двајцата, без инволвирање на трети лица од партијата.

Ковачевски, како што напиша Фокус, е доктор на економски науки и вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Американ колеџ. Во неговото импресивно си-ви се нагласуваат и други достигнувања во едукацијата, но и работната кариера, која почнува во Македонски телеком, продолжува во Оне Вип Македонија, а во 2020 година е дел од Економскиот совет на Владата за справување со економски последици предизвикани од пандемијата, по што станува и заменик-министер за финансии.

Извори на Плусинфо велат дека шансите на Ковачевски не зависат од реконструкцијата или само од исходот на битката меѓу заевистите и крилото на Радмила Шекеринска. Многу поважно ќе биде како Заев ќе ги процени неговите амбиции во политиката и дали во него ќе види само лојален кадар што ќе му го чува местото за некое скорешно враќање во политиката или ќе препознае човек со сериозни потенцијали и амбиции.

– Никој не умее да се коцка како Зоран Заев. Ако почувствува опасност, тој во последен момент може да ја растури играта и повторно да одлучи да остане на кормилото. Заев дојде на власт како човек што треба да грее нечие столче, но многу брзо отвори фронт со Бранко Црвенковски. Поучен од сопственото искуство, тој нема да дозволи нему да му се случи она што му се случи на Црвенковски. Најавата за голема реконструкција на Владата може да се толкува и како одлучност на Заев по секоја цена да остане и премиер и лидер на СДСМ додека може. Мислам дека Заев нема да се предаде без борба – вели партиски извор на Плусинфо.

 

Поврзани содржини