ЌЕ СЕ РАСЧИСТИ ЛИ УШТЕ НЕКОЈА ДИЛЕМА ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ? Завршни зборови на одбраната на обвинетите Манев, Видевски, Кешишев и Ѓорчевски

Се очекува завршните зборови на четворицата адвокати на обвинетите Манев, Видевски, Кешишев и Ѓорчевски да завршат на ова рочиште, а на следното, в петок, да дадат завршни зборови адвокатот Јовица Страшевски и неговиот клиент, првообвинетиот Палевски.

2,614

Со завршни зборови на Горан Бошевски, бранител на второобвинетиот Велибор Манев, денеска во Кривичниот суд Скопје ќе продолжи судењето за грабнувањата и за убиствата на Панче Жежовски (74) и на Вања Ѓорчевска (14), за кои покрај Манев се обвинети и Љупчо Палевски Палчо, Боре Видевски и Влатко Кешишев, членови на партијата Десна.

Освен на четворицата обвинети убијци, му се суди и на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка, кој, според обвинението, на Палевски му одал информации кога таа оди сама на училиште.






По Бошевски, ќе следуваат завршните зборови на Бојан Манев, бранителот на Видевски, па на Игор Ефремов, кој ќе зборува во името на Кешишев, како и на Владимир Туфегџиќ, бранителот на таткото Ѓорчевски. Се очекува завршните зборови на четворицата адвокати да завршат на ова рочиште, а на следното, в петок, да дадат завршни зборови и адвокатот Јовица Страшевски и неговиот клиент, првообвинетиот Палевски. Со тоа ќе приврши 10-месечното судење за свирепите злосторства што ги потресоа Македонија и регионот и ќе остане само уште едно рочиште на кое судијата Ивица Стефановски ќе ја објави пресудата. Во своите завршни зборови обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска побараа Судот да ги казни со доживотен затвор Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, а на Ѓорчевски да му досуди затворска казна според закон.

Манев го одбрал Панче, ама не за да биде убиен

Адвокатот Горан Бошевски нема опција да го брани Велибор Манев како невин, затоа што тој во својот исказ пред Судот го призна своето учество во двете злосторства, иако по воведниот збор рече дека не се чувствува виновен, исто како и останатите. Учеството во злосторствата го призна и Влатко Кешишев, со тоа што неговата верзија во одредени детали се разликуваше од она што го раскажа Манев. На пример, Манев рече дека не бил еден, туку два неуспешни обиди за грабнување на девојчето, во четвртокот и во петокот, а во третиот обид, на 27 ноември 2023 година успеале во намерата. Исто така, тој сведочеше дека не требало да ја грабнат Вања, туку возрасна жена, на возраст од 40-тина години, ќерка на фармацевт, која живеела во истата зграда на Наум Наумовски Борче. Кешишев не потврди дека имало обид за грабнување и во четвртокот и не спомена возрасна жена. Манев рече дека по убиството на Панче Жежовски, на 22 ноември 2023, тој го возел „цитроенот“ од Велес до Скопје, а Кешишев рече дека тој возел.

Според досега изнесеното во судницата, ДНК од Велибор Манев е пронајдена на сивата лента со која била залепена устата на Вања. Манев, заедно со Кешишев, ја ископал дупката во месноста Кула, каде е убиен и закопан Жежовски и тоа една година пред злосторството. Манев го дал предлогот да го грабнат Жежовски, како стар човек, кој нема да биде многу ревносно баран, а чие постаро возило „цитроен“ им било потребно за следните грабнувања. На судењето се изнесе и дека Манев имал претходни недоразбирања со Жежовски околу наплатата на неговата работа, односно Панче му останал должен 1.000 евра за камената патека во дворот, па Манев му извадил дел од камењата и сакал да го истепа.

Само Манев тврди дека Вања е грабната по грешка

Според Манев, намерата на бандата била да грабнуваат луѓе и за нив да бараат откуп. За Панче рече дека планот им бил да го грабнат старецот, да го чуваат жив, врзан со синџири, неколку дена во дупката, па да го пуштат да си оди штом ќе го завршат следното киднапирање со помош на неговиот „цитроен“. За грабнувањето на ќерката на фармацевтот, како што рече, Палевски им ветил по 150.000 евра. Сведочеше дека Палевски им покажувал фотографии од жената која ја следел извесен период и дека Вања ја грабнале по грешка. Рече дека во темницата од влезот, во кој биле тој и Боре Видевски не забележале дека грабнуваат дете, затоа што Вања била со сличен опис како жената што требале да ја грабнат.

Според Манев, целиот план да грабнуваат луѓе за да бараат откуп, го смислил Љупчо Палевски Палчо. Тој се согласил да учествува и да земе пари, но не знаел дека ќе има и убиства. Пред Судот тој во детали раскажа како во вторникот наутро, на 22 ноември 2023 година прво чекале Панче да излезе од својата куќа, а откако тој не се појавил, му влегле во домот, каде го совладале, го врзале, го замотале во церада и го ставиле во гепекот од неговиот „цитроен“. Кога стигнале до дупката, односно, како што тој ја нарекуваше, земуницата, Манев очекувал дека ќе го стават и ќе го врзат Панче внатре, за да не избега, но, неочекувано Палевски извадил пиштол и му испукал куршум на Жежовски во главата. Манев, како што рече, се шокирал од виденото, затоа што не очекувал убиство. Кога го прашал Палевски зошто го сторил тоа, овој му рекол дека така е почисто и дека не треба да се грижат за ништо. А кога Велибор му рекол дека не се согласил со убиства и дека не сака да продолжи понатаму со следното грабнување, Палчо му се заканил со зборовите „Да не си расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“. Велибор тврди дека продолжил и со следното злосторство, со убиството на Вања, поради страв од Палевски. Кога сфатил дека грабнале дете, а не жена, исто така, од страв, не сторил ништо да го спречи второто убиство.

Кешишев не знаел ништо, ама учествувал во сè

Кешишев, пак, сведочеше дека не учествувал многу во планирањето на злосторствата, затоа што тој во партијата Десна бил домар и готвач и ги пречекувал и ги испраќал гостите. Одел со бандата затоа што му требале пари. Рече и дека сакал да се повлече, но му било страв од Палевски, кој практично, не му ја давал слободата ниту да си оди во родниот Штип кога сака и има таква потреба. За убиството на Панче рече дека не го видел, затоа што тој останал подолу кај месноста Кула во „рено кангу“ да ги чека останатите тројца. За убиството на Вања рече дека исто не го видел моментот на пукањето, затоа што бил малку подалеку и чувал стража покрај патот, но по истрелот се свртел и го видел Палевски со пиштол во раката. Тој рече дека не бил во влезот кога го грабнале детето, туку ги чекал надвор со „цитроенот“ и не видел кој е грабнат. Дека убиле дете дознал кога злосторството веќе било извршено.

Поради неговата совест, која му тежела, полицијата го најде телото на Вања и го расплетка случајот.

Видевски не го докажа тврдењето дека е невин

Боре Видевски, пак, негираше дека учествувал во злосторствата. За денот кога е убиен Панче рече дека бил на работа, а за денот кога е убиена Вања рече дека од неделата вечер бил во партијата, каде преспал, а утредента кога станал околу 10 часот останатите биле таму и пиеле кафе. Тој немаше докази за своето алиби. Видевски имал пиштол со дозвола, со калибар од 9 милиметри, ист калибар како оној со кој се извршени убиствата, но рече дека одамна се ослободил од оружјето, го однел некаде, но не се сеќава каде. Обвинителството пак, досега не го пронајде пиштолот со кој се убиени Вања и Панче.

И покрај тоа што тројцата обвинети имаа различни искази за злосторствата, сите беа едногласни во едно – дека не го познаваат таткото Александар и дека поради силна тортура од полицајците во станицата „Пролет“ по апсењето морале да кажат дека Александар му одал информации за Вања на Палчо. Сите тројца рекоа дека не слушнале дека Палевски нешто договара со Ѓорчевски, ниту дека Палевски им пренел такво нешто, така кажале оти инспекторите ги присилиле.

Има ли Туфегџиќ адути за завршниот збор? 

На бранителот на Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, оваа, како и други околности од судењето ќе му послужат како аргументи во неговиот завршен збор во кој ќе ја брани невиноста на таткото. Ѓорчевски рече дека не се познава со Палевски и дека воопшто не е вистина тоа за што го обвинуваат. Тој во својот исказ во детали раскажа како ја барал ќерка си од понеделникот наутро, кога исчезна, односно беше грабната, до 3 декември, кога на распитот во Јавното обвинителство дознал дека е мртва. Рече дека брзо сфатил дека Вања е киднапирана, според сигналот на нејзиниот телефон и дека со помош на семејството и пријателите со прегледување на снимките од околните дуќани сфатил со кое возило е однесена. Неговата приватна истрага и однесувањето пред инспекторите, на кои им велел дека напразно ја бараат на одредени места, затоа што е киднапирана, го направила сомнителен пред инспекторите од истрагата. Но, Обвинителството освен тие сомнежи на полицијата, не изведе ниту еден вербален или материјален доказ дека сомнежите за таткото се вистинити. Неговиот бранител Туфегџиќ во повеќе наврати бараше истрага против инспекторите за тортурата врз неговиот клиент, но тоа досега не се случи. Обвинителките останаа на ставот дека тој не е тепан, затоа што не го рекол тоа за време на распитот во ЈО, а Туфегџиќ тврди дека има медицинска документација за физичките повреди на Александар. Тој во изјавите пред медиумите ја критикуваше истрагата и од полицијата и од Обвинителството, во смисла дека случајот не е расчистен до крај. Тој го отфрла мотивот користољубие и смета дека е во прашање тероризам, со цел да се внесе страв меѓу населението, особено меѓу учениците.

Поврзани содржини