ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВААТ БЕЗБЕДНОСНИТЕ СТАНДАРДИ И ВО ГРАДИНКИТЕ, УЧИЛИШТАТА И ВО ПЕНЗИОНЕРСКИТЕ ДОМОВИ За време на мораториумот угостителите нема да работат
И на државата ќе ѝ треба одреден период за да ги исправи тие објекти кои биле градени или крадени изминатите 3 децении. Се работи за објекти за разни дејности, претшколска возраст, пензионески домови, училишта... Кога се граделе или се реновирале тие објекти, во суштина се краделе, вели премиерот Христијан Мицкоски.
На сопствениците на локали ќе им биде даден определен временски период, чие траење допрва ќе се утврди, во кој ќе треба да ги отстранат сите недостатоци во своите објекти и да се усогласат со законите и со правилата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Но, освен угостителските објекти, ќе треба да се проверат и да се усогласат и многу државни објекти, како градинки, училишта итн, кои во изминатиов период се реновирале и се граделе, односно, се краделе, додаде премиерот.
– Мораториумот е временски период кој ќе им биде даден на сопствениците на локалите да ги отстранат недостатоците или да направат нешто со што ќе ги приспособат, можеби не за дискотека, но можеби за кабаре или нешто друго. Во тој период локалите нема да работат, туку ќе го искористат исклучиво да ги отстранат недостатоците. Суштината е сите оние што ги доставиле документите, а не ги исполнуваат условите согласно вонредните инспекциски надзори на Државниот пазарен инспекторат, да ги исполнат – рече Мицкоски.
На прашање зошто им се дава овој период на сопствениците на локалите, премиерот рече дека во тој период тие нема да работат, туку ќе ги отстрануваат недостатоците.
– Нешто што е повеќе од 30 години погрешно направено, ние за 9 месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред. Ова ќе биде обемна операција. Слушнавте во делот на градежништвото колку дозволи во моментот се суспендираат и од ДПИ и од Министерството за економија колку лиценци и колку објекти се затворени. Затоа, ќе им оставиме простор колку што им е потребно на сопствениците на тие стопански објекти, за да можат тоа да го исправат – рече премиерот.
Тој додаде дека и држвните објекти треба да се усогласат.
– И на државата ќе ѝ треба одреден период за да ги исправи тие објекти кои биле градени или крадени изминатите 3 децении. Се работи за објекти за разни дејности, претшколска возраст, пензионески домови, училишта… Кога се граделе или се реновирале тие објекти, во суштина се краделе. И затоа се менуваше Кривичниот законик со европско знаменце, знаеја дека доаѓа Влада што има намера да работи, а тие што ги краделе државата и граѓаните, да ги казнува – вели Мицкоски.
Уште еднаш повтори дека ќе одговара секој што го прекршил законот, независно дали лицето е дел од некоја политичка структура или не.
– Жалам што мораше ова да се случи за сите да се освестат дека работите повеќе од 3 децении биле погрешни. Поразивме судска мафија, во постапка е т.н. мазут мафија, т.н. енергетска мафија, во постапка или во бегство е т.н. коцкарска мафија, приведена и обезбедена е т.н. улична мафија во Скопје, каде беа повеќе групи и сега на ред дојде и оваа мафија што, за жал, царувала во Македонија. И таа ќе биде поразена, а потоа ќе следат и други – рече Мицкоски.
Наследивме девастиран и урнисан систем, додаде тој, но се трудиме и ќе го доведеме во ред и ќе функционира како што треба.
– Македонија мора да биде пристојно место за живеење, а ние како Влада сме должни да ги обезбедиме сите капацитети на институциите – рече Мицкоски.
Во врска со обвинувањата од ДУИ за политички прогон во истрагата во Кочани, Мицкоски изрази жалење што ДУИ го политизира случајот.
-Наместо да изразат сочувство, човечки и да се вклучи во истрагата и да помогне тие се обидоа овој случај да го политизираат и етнизираат, односно да се обидат на глодарски начин да добијат некој политички поен на несреќата на овие невини жртви. Можам да кажам само нека им служи на чест, а ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да се бориме против ваквото девијантно однесување – изјави Мицкоски.