Ќе се повтори ли мигрантско цунами во ЕУ?

Ако Иран гори, ниеден одговорен политичар тешко дека ќе може да продолжи да тврди дека Шведска е веќе „преполнета“ со мигранти. Наместо тоа, станува сè поочигледно дека не само Шведска, туку и голем број други ЕУ-членки, веќе мора да се подготвуваат за можно ново мигрантско цунами.

162

Земји-членки на ЕУ се подготвуваат за можен нов бран бегалци од Блискиот Исток поради ескалацијата на војната во регионот. Ејми Поуп, раководителка на агенцијата на ОН за миграција, ИОМ, деновиве изјави дека ЕУ сака да избегне повторување на големата мигрантска криза од 2015-2016 година со попроактивна стратегија. Се проценува дека бегалските движења се сè уште мали и главно се случуваат во земји како Иран и Либан. Но, сценариото за продолжен конфликт ризикува да го промени тоа.

Луѓе кои бегаат да ги спасат своите животи во долги колони со камиони, автомобили, трактори и приколки, се составен дел од сликите што ги следат хаосот и катастрофите од војните. Се чини дека се сè уште свежи сеќавањата на напливот реки бегалци кои пред десетина години ја преплавија Европа.






Над 1,3 милиони луѓе во 2015 година, движејќи се преку таканаречената балканска рута, која одеше од Турција преку Грција и понатаму низ Европа, побарале азил во ЕУ, што досега е најголем број од Втората светска војна. Мнозинството од нив биле бегалци од војните во Сирија, Авганистан и Ирак. Германија и Унгарија примија најмногу (иако Унгарија главно само како транзитна земја). Шведска беше една од земјите која тогаш прими најголем број бегалци, околу 163.000 азиланти, или околу 12 отсто од сите што бараа заштита во Европа.

Оттогаш мигрантските регулативи во рамки на ЕУ се драстично сменети и постојано се изложени на сериозни промени и рестрикции. ЕУ моментно спроведува голема реформа на миграциската политика што ќе стапи на сила во јуни 2026 година, фокусирајќи се на построги контроли на надворешните граници, побрзи процеси на азил и задолжителна солидарност меѓу земјите-членки во распределбата при прифаќање на бегалците.

Новите правила вклучуваат задолжителен скрининг, повеќе „безбедни“ земји и поефикасно враќање на луѓе кои немаат причини за заштита. Според договорот постигнат во текот на данското претседателство со ЕУ во декември минатата година, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис, како и сите земји кандидатки за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, се означени како безбедни земји на потекло.

Но фокусот не е насочен само на јакнење на контролите на надворешните граници на ЕУ, туку и врз континуираното заострување на азилантските и мигрантските регулативи во последните години, вклучувајќи го и доселувањето на работна сила. Шведска, на пример, која долго време важеше за земја со „отворени врати“ и беше во самиот врв во Европа според обемот на прием на бегалци и мигранти, денес се бори да добие статус како ЕУ-членка со најрестриктивна миграциска политика.

Вратите сега се речиси сосема замандалени, а министрите во актуелната шведска конзеравтивно-десничарска влада се натпреваруваат кој повеќе ќе придонесе за постојано заладување на антимигранстките расположенија во земјата и припишување на сите проблеми во општеството главно на адреса на мигрантите и бегалците, кои во Шведска изнесуваат околу 20 отсто од вкупното население.

Многу нешта несомнено укажуваат дека цела Европа се движи кон сè порестриктивен став во миграциската политика. Но, во некои аспекти, шведската миграциска политика се разликува од онаа на другите земји, пред сè кога станува збор за предложените законски решенија за поништување или конверзија на дозволите за постојан престој.

Ова е едно од најважните прашања на екстремно-десничарската партија Шведски демократи, без чија поддршка во парламентот не би можела да функционира актуелната владина коалиција. Соочувајќи се со ризици од намалување на поддршката во пресрет на парламентарните избори што во Шведска ќе се одржат во септември годинава, Шведските демократи најавија дека би можеле да го одложат ова барање и да го вратат за разгледување на агендата по изборите.

Многумина експерти нагласуваат дека ваквите заложби на шведската влада се издвојуваат во споредба со други земји во Европа, каде што заострувањето на миграциската политика сепак не се спроведува како толку изразена драстична политика. Интересен е податокот дека речиси 80 интервјуирани водечки шведски адвокати за миграција се согласуваат со таквите оценки.

Во голем број европски земји постои одредена финансиска поддршка за оние мигранти кои сакаат да се репатрираат и вратат во земјите на нивното поткло, но и во тој контекст Шведска значајно се издвојува како пример. Моментно возрасно лице над 18 години може да добие 350.000 шведски круни круни, или околу 33.000 евра, а како семејство приближно 60.000 евра, за репатријација и трајно напуштање на Шведска. Таква висока финансиска поддршка за доброволно бришење од националните регистри и „фаќање магла“ назад во својата земја, нема никаде на друго место во Европа. Деновиве медиумите објавија дека неколку мигранти од Сирија и од Африка ги добиле тие парични суми да се иселат трајно од Шведска.

И други европски земји имаат мошне рестриктивен став кон барателите на азил. Во Италија, на пример, постои строга политика на границите за спречување влез на азиланти. Но, во исто време Италија прима многу имигранти како работна сила, за разни професии каде што има недостиг, а не само висококвалификувани лица. Во Шпанија на луѓето без дозвола за престој, кои веќе се во земјата, им се дава можност да останат како работници.

Во Шведска, пак, како и во соседните скандинавски земји, работите станаа построги не само за барателите на азил и нивните семејства, туку станува сè построго и за оние кои сакаат да се преселат во Шведска за работа. Од први јуни годинава ќе се бара, меѓу другото, мигрантот да има договор за вработување од најмалку 3.100 евра месечно, со цел да се спречи наплив на мигранти што би прифатиле да работат за пониски плати. Но нискоквалификувана работна сила може само да сонува плати од 3.100 евра. Со други зборови, „црноглавците“ стануваат сè помалку пожелни.

Но, доколку бомбите продолжат да паѓаат во Иран и пошироко на Блискиот Исток, ситуацијата би можела брзо драстично да се смени. По сè изгледа лончињата пак може да се измешаат. Во Шведска веќе живеат преку 120.000 Иранци. Ако Иран гори, ниеден одговорен политичар тешко дека ќе може да продолжи да тврди дека Шведска е веќе „преполнета“ со мигранти. Наместо тоа, станува сè поочигледно дека не само Шведска, туку и голем број други ЕУ-членки, веќе мора да се подготвуваат за можно ново мигрантско цунами.

Луѓе кои се борат за гол живот не запираат на никакви државни граници.

Поврзани содржини