ЌЕ СЕ ПОПИШЕМЕ КАКО РОБОВИ Оризопроизводителите бараат повисока откупна цена за арпата и за белиот ориз
Ако не се најде брзо решение се заканија дека нема да го ожнеат оризот, а следната сезона нема да ја посеат оваа култура.
Оризопроизводителите од кочанско денеска со земјоделска механизација го блокираа магистралниот пат Кочани – Штип, незадоволни од откупните цени на арпата и белиот ориз. Тие бараат арпата да не се откупува под 25 денари за килограм, а белиот ориз под 50 денари. Ако не се најде брзо решение се заканија дека нема да го ожнеат оризот, а следната сезона нема да ја посеат оваа култура.
Тие врелат дека вакво барање доставиле до Министерството за земјоделство и до премиерот но не добиле одговор.
– Репроматеријалите за производство се поскапени и до 100 отсто, а откупните цени не достигнуваат ниту 18 денари од килограм арпа. На гласање за изборите нема да излегуваме, а на пописот ќе се изјасниме како робови, ние сме робови во сопствената држава, затоа што никој не води сметка за нас – изјавиЗдравко Арсов, член на организацискиот одбор на протестот.
Присутните на протестот истакнаа дека околу десет илјади граѓани од кочанскиот регион егзистенцијата ја обезбедуваат со производството на ориз, но поради крајно неповолните цени по кои се откупува, ќе бидат во загуба, а минатогодишната реколта сè уште не им е продадена.