ЌЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ЛИЦЕНЦИ ЗА ВОСПИТУВАЧКИ, НЕГУВАТЕЛКИ, ДИРЕКТОРКИ… Без важечка лиценца не ќе може да се конкурира за работа во градинка

Од октомври 2023 година не се спроведувал стручниот испит за стекнување лиценца за работа во установите за деца, испит кој се однесува на сите кандидати кои сакаат да се вклучат во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст

2,546

Измената на Законот за заштита на децата ја помина собраниската процедура со што започнува процесот на полагање за лиценци за работа во установите за деца, информира денеска Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Од октомври 2023 година не се спроведувал стручниот испит за стекнување лиценца за работа во установите за деца, испит кој се однесува на сите кандидати кои сакаат да се вклучат во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.






– Министерството за социјална политика демографија и млади е надлежно за издавање на лиценците за работа и тоа: лиценца за стручен работник, за стручен соработник, за воспитувач, лиценца за негувател и лиценца за директор. Лиценцата за работа која ја добиваат лицата кои сакаат да се вклучат во системот за згрижување и воспитание за деца од предучилишна возраст е неопходен критериум, односно задолжителен услов кој истите мораат да го исполнат, односно без важечка лиценца за работа овие лица не можат да аплицираат за вработување во детските градинки, каде во моментов има најголема потреба од вработување на ваков кадар на државно ниво – нагласуваат од Министерството.

Измената на законското решение, според Министерството овозможува во исклучителни ситуации да се предвиди начин на кој ќе продолжи континуирано да тече процесот на полагање испити за стекнување на лиценца за работа, односно со полагање на испитот во хартиена форма со времетраење до 01.01.2026 година.

Со измената на законот се утврдува дека лиценцата за работа се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо, како и дека испитот за стекнување на лиценца за работа се полага на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо.

Како што информираат од Министерството, со овој закон се менува називот на Министерството за труд и социјална политика, името на министерот и називот на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа (Службен весник на Република Северна Македонија број 121/2024).

 

Поврзани содржини