ЌЕ СЕ НОСАТ ТЕШКИ ОДЛУКИ, ЛИЗ ПОГРЕШИ За Сунак најбитни се економијата и довербата во владата на Британија
Таа (Лиз Трас) не погреши од лоши намери, туку напротив. Но, сепак правеше грешки, изјави новиот британски премиер за неговата претходничка која само 46 дена беше на функцијата. За Сунак приоритети ќе бидат економијата и враќање на довербата во владата.
Риши Сунак денеска и официјално стана нов британски премиер, откако кралот Карло Трети го именуваше на должноста по прифаќањето на оставката на Лиз Трас, која на функцијата беше само 49 дена.
На средбата во Бакингемската палата, Карло го повика новиот лидер на конзервативците да формира влада.
Сунак со своите 42 години е првиот хинду премиер на Велика Британија, првиот со азиско потекло и најмладиот во повеќе од 200 години.
Тој е третиот британски премиер за помалку од два месеца. Трас си замина од функцијата како премиерка со најкраток мандат во историјата.
– На врвот на владината агенда ќе ги ставам економската стабилност и довербата, но тоа ќе значи и дека ќе се носат тешки одлуки – рече Сунак, во својот прв настап како премиер , пред неговиот кабинет на Даунинг стрит 10 во Лондон – пренесе Би-би-си.
Тој притоа им се заблагодари и на поранешните премиери Лиз Трас и Борис Џонсон и за неговата претходничка кажа дека и се восхитува на нејзината желба да ги олесни промените, но и додаде дека „беа направени некои грешки”.
– Таа не погреши од лоши намери, туку напротив. Но, сепак правеше грешки – изјави Сунак.
Сега веќе поранешната британска премиерка Лиз Трас денеска во своето последно обраќање на функцијата пред седиштето во Даунинг стрит изјави дека Британија ја чекаат подобри денови.
– Британија ја продолжува тешката битка, но јас верувам во оваа земја и британскиот народ и знам дека доаѓаат подобри денови – изјави Трас.
Таа на својот наследник Риши Сунак му посака успех на премиерската функција, наведувајќи дека сè уште верува во висок економски раст и во политиката на намалување на даноците.
Трас потоа отиде да се сретне со британскиот крал Чарлс Трети и формално поднесе оставка.
Трас ја вршеше функцијата најкратко од сите британски премиери – само шест недели.