ЌЕ СЕ НАМАЛИ ГУЖВАТА ВО ПОЛИКЛИНИКА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Новата Поликлиника Сарај ќе опслужува 45.000 граѓани од Скопско
Денеска е отворена новата Поликлиника Сарај којашто ќе опслужува повеќе од 45.000 жители од овој регион на градот.
Станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство.
Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров.
Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје.
-Значи, во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија. Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија. За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар, за што во декември, минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили, како што се: доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар наменети за Поликлиника Сарај – рече министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на отворањето.