ЌЕ СЕ НАМАЛИ АКЦИЗАТА ЗА ДИЗЕЛОТ ВО СРБИЈА Дали и нашата влада размислува да воведе поврат на акциза за камионџиите?
Македонските транспортери, како што велат, ќе бидат задоволни со поврат на акциза и од 1 денар за литар гориво, само за да можат да бараат реципрочен поврат од државите во регионот и Европа во кои ваква мерка веќе постои.
Во Србија повторно се разгледува прашањето за намалување на акцизата за дизелот за транспортните компании. Социјално-економскиот совет на крајот на јануари ја прифати иницијативата на Сојузот на работодавачи на Србија (УПС) за намалување на оваа фискална давачка, но за тоа треба да одлучи Министерството за финансии. Во наредниот период на оваа тема ќе се разговара и со другите надлежни министерства и локалните самоуправи.
Небојша Атанацковиќ, почесен претседател на УПС, истакнува дека поскапувањето на превозот на луѓе или товар ја оптоварува економијата, ги покачува цените на производите и услугите и негативно се одразува на сите граѓани како потрошувачи.
– Очекувам дека Министерството за финансии ќе ја земе предвид моменталната состојба. Социјално-економскиот совет летово го разгледуваше истото прашање и сега по втор пат донесе предлог надлежните да реагираат, за да им се овозможи на транспортните организации да останат по сегашните цени. Бидејќи суровата нафта забележа голем скок на берзите, поради што поскапеа дериватите, оваа мерка е особено важна – вели Атанацковиќ,.
Тој посочува дека колку е повисока цената на транспортот, толку е поскапа испораката и дека тоа се одразува на производите во малопродажбата. Земјоделците користат дизел со што се зголемуваат цените на нивните производи.
Во овој момент, вели тој, никој не знае уште колку ќе поскапи суровата нафта, а со тоа и дериватите. Многу аналитичари се согласуваат дека многу наскоро, до пролет, цената на црното злато за барел би можела да биде повисока од 100 долари.
Здружението на нафтени компании на Србија долго време се залагаше за промена на акцизната политика за оданочување на горивата за сите потрошувачи, а минатиот септември го претставија својот предлог до Министерството за финансии.
Споре Томислав Миќовиќ од ова здружение, економијата е оптоварена со повисоката цена на дериватите, од земјоделството до индустријата и транспортот.
-Намалувањето на акцизите би ја растоварило домашната економија и би ја зголемило нејзината конкурентност. Србија има највисоки вкупни давачки од сите земји во регионот за дизел и течен нафтен гас – вели тој.
Миќовиќ посочува дека повисоката цена на нафтените деривати ги одвраќа некои купувачи и тие ја намалуваат потрошувачката, што е загуба и за државата и за нафтените компании. Познато е дека камионите и патничките возила кога имаат можност полнат цистерни во соседните земји.
Транспортните фирми и во земјава побараа намалување на акцизата или поврат на нејзин дел за горивата кои ги користат транспортерите. Засега нема одговор од надлежните институции дали ќе се удоволи на нивното барање.
Македонските транспортери, како што велат, ќе бидат задоволни со поврат на акциза и од 1 денар за литар гориво, само за да можат да бараат реципрочен поврат од државите во регионот и Европа во кои ваква мерка веќе постои.