ЌЕ СЕ НАДЕНЕ ЛИ СКОПЈЕ ВО СКУТОТ НА СОФИЈА? Македонија подготвила „удобни“ одговори за бугарските услови

Според аналитичарите со коишто разговараше Плусинфо, македонските граѓани треба да бидат информирани за тоа дали Скопје има нешто ветено во Софија штом коалициските партнери на премиерот толку инсистираат на негово останување до март идната година.

3,452

Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и кои ќе овозможат деблокирање на бугарското вето. Ова го рече првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на само десетина дена пред одржувањето на Самитот на ЕУ во Брисел на кој ќе се одлучува дали Македонија ќе започне преговори за членство во Европската Унија.

Ваквата негова изјава наиде на реакции и негодување кај јавноста, особено поради тоа што Груби одбегна да објасни што точно значи терминот „удобни одговори“, кои, според него, ќе ги натераат Бугарите да се предомислат и да го повлечат ветото за Македонија.






Оттука, се поставува прашањето дали подготовката на „удобни одговори“ за условите што ни ги поставува источниот сосед, кои, впрочем, се дел од агендата „5+1“, би можела да значи „post fores clausas“ жртвување на дел од „светиите“ на македонскиот народ, односно потклекнување пред бугарските уцени?

– Оптимист сум дека во декември ќе добиеме позитивни сигнали за почнување на преговорите за членство во Европската Унија. Оптимизмот доаѓа од поседувањето информации. Значи, имаме целосни информации за случувањата помеѓу Скопје и Софија, а тоа ни влева целосна самодоверба дека ова прашање може да се надмине. Се обидуваме на 14 декемвриа на состанокот на Советот за општи работи на Европската комисија да го имаме првиот позитивен сигнал кој ќе ни ги отвори вратите. Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и кои ќе овмозможат деблокирање на ветото. Целта е во јануари, февруари или во март следната година да се реши ова прашање и во наредниот период да се одржи оваа меѓувладина конференција со која ќе почнат преговорите за членство со Унијата – истакна Груби во гостувањето во емисијата „200“ на Алсат.

Уште посимптоматично звучи и изјавата на вицепремиерот дека премиерот во заминување Зоран Заев не смее да си поднесе оставка поради тоа што „само оваа влада може да го реши спорот со Бугарија“. Исто така, висок функционер на ДУИ за Слободен печат завчера откри дека партискиот лидер Али Ахмети ќе се обиде со сите сили да го убеди Заев до март идната година да не си поднесува оставка од премиерската функција.

Според аналитичарите со коишто разговараше Плусинфо, македонските граѓани треба да бидат информирани за тоа дали Скопје има нешто ветено во Софија штом коалициските партнери на премиерот толку инсистираат на негово останување до март идната година.

Доколку се случи најлошото сценарио за Македонија, а тоа е зад затворени врати „удобно“ да прифатиме дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот, или, пак, да ги прифатиме условите што ни се наметнати во врска со историјата, тогаш тоа ќе ја прелие чашата.

Димитар Христов Политиколог

Политикологот Димитар Христов, вели дека во решавање билатерален спор нема победник, бидејќи и двете страни прават одредени отстапки, но доколку Македонија зад затворени врати одлучи да потпише нешто што е неприфатливо за македонскиот народ, додава тој, тогаш таквиот потег ќе биде капката што ќе ја прелие чашата и кој ќе го натера народот масовно да излезе на улиците.

– Нема потреба од брзање и прифаќање на условите што ни ги поставува нашиот источен сосед. Нормално е дека кога две држави сакаат да решат еден заеднички проблем, тогаш и двете земји мора да направат некакви отстапки за полесно изнаоѓање на решението. Но, доколку се случи најлошото сценарио за Македонија, а тоа е зад затворени врати „удобно“ да прифатиме дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот, или, пак, да ги прифатиме условите што ни се наметнати во врска со историјата, тогаш тоа ќе ја прелие чашата. По потпишувањето на Преспанскиот договор, односно по промената на државното име, сметам дека народот овојпат нема да има нерви да издржи нова капитулација и дека ќе ни се случат масовни протести – објаснува Христов.

Тој вели дека наместо повлекување и капитулирање, Македонија сега треба дополнително да ја притисне Бугарија.

– Нашите треба да притиснат и да го искористат фактот дека Бојко Борисов повеќе не е премиер на Бугарија. Станува збор за решавање заедничи спор и дефинитивно ќе има нешто што ќе биде договорено, а кое нема да ни одговара баш најмногу. Сепак, и Бугарија не е толку моќна како Грција, па да може да врши голем притисок и вечно да ѝ се противи на меѓународната заедница. Чекавме многу време за членство во ЕУ, па можеме да почекаме уште малку. Нема потреба од брзање. Бугарија не е милениче на поголемите држави како Германија или Франција. Нашиот јужен сосед Грција имаше огромна поддршка од големите сили во спорот со Македонија и историски гледано, Грција секогаш добивала помош од поголемите земји. Но, Бугарија не е во таква состојба. Треба да се искористи ова и да се направи притисок од наша страна – објаснува Христов.

Премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев во вторникот телефонски разговарале, а според соопштението од Кабинетотот на Радев, двајцата политичари споделиле зеднички став дека дијалогот на високо ниво е клучен за градење доверба и за надминување на спорните прашања. Во соопштението не се наведени повеќе детали, освен дека Заев и Радев разговарале за билатералните односи, ефективното почитување на правата на оние што отворено се изјаснуваат како Бугари во Македонија, како и за нејзината европска перспектива.

Инаку, Паткоазот со пет точки го содржи прашањето за краткото име, прашањето за говорот на омраза, на рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, на работата на Историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, а во септември оваа година се надоврза плус една точка за вметнување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав.

Поврзани содржини