Ќе се набавува најскапа терапија за ковид со моноклони антитела

За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид т.н. моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земји, ќе биде и кај нас, велат од Министерството.

9,472

Македонија досега не го има набавено американскиот лек „бавланивимад“, кој се користи во третман на ризични случаи на инфекција со коронавирус за лица со висок притисок и прекумерна телесна тежина, но тој веќе стаса во соседна Србија, како што вчера се пофали српскиот претседател Александар Вучиќ, кој набавил 1.800 ампули од овој „волшебен“ лек.

Станува збор за исклучително скап американски лек кој чини 600 долари.






– Значи, ако некој како мене, што има висок крвен притисок и што има прекумерна тежина, ја добие оваа ампула тогаш ќе биде излечен 95 проценти – рече Вучиќ.

Тој посочи дека во понеделник ќе дојдат 1.800 вакви ампули во Србија, а лекарите многу бргу ќе ги имаат во протоколот.

Од македонското Министерство за здравство денеска одговорија дека набавуваат најсофистицирана моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од ковид-19, со коктел од casirivimab и imdevimab.

– Министерството за здравство набавува најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од ковид-19, со „коктел“ од casirivimab и imdevimab. Кај нас е достапна целата терапија за третман на ковид пациенти, а дополнително ќе се набави нова терапија. За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид т.н. моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земји, ќе биде и кај нас. Пациентите во ковид центрите примаат соодветна терапија за лекување, утврдена во протоколите – велат од Министерството.

На 21 ноември лани Американската агенција за храна и лекови ја одобри употребата на casirivimab и imdevimab за лекување на благи до умерени случаи со ковид-19 кои имаат висок ризик да развијат тешка форма на болеста. Лекот е наменет за пациенти од 12 години нагоре и за лица кои имаат повеќе од 40 килограми. Тоа вклучува и лица над 65 години со хронични болести. Клиничките студии покажале дека овие два лека дадени заедно ја намалуваат хоспитализацијата и потребата од интензивна нега кај пациентите со висок ризик за прогресија на болеста. Коктелот од двата лека се дава заедно интравенски.

Моноклоните антитела се лабораториски направени протеини кои ја имитираат способноста на имунолошкиот систем да се бори против штетните патогени како што се вирусите. Casirivimab и imdevimab се моноклони антитела кои се направени така да делуваат врз спајк протеинот на Sars-CoV-2, дизајнирани да го блокираат врзувањето на вирусот и влезот во човековите клетки.

Casirivimab and imdevimab не се одобрени за пациенти кои имаат потреба од кислородна терапија поради заболување со ковид-19.

 

Поврзани содржини