Ќе се менува Законот за попис или ќе се чита поезија?

Овој Закон за попис треба да се гласа според Бадентер, па клучна ќе биде и средбата помеѓу Заев и албанската опозиција која е закажана за утре. Секако, постои можност да не се договорат и блокадата да продолжи. Проблемот е во тоа што лидерските средби се вонинституционални, а законите се носат и се менуваат во институциите, смета претседателот на Собранието.

958

Не е толку лесно и едноставно да се одложи пописот на само два дена пред неговиот првично планиран старт, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, откако лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, вчера соопштија дека статистичката операција нема да започне на 1 април, туку на 5 септември.

Џафери тврди дека за да се промени Законот за попис се потребни многу повеќе од два дена, а како што посочи, дури и да се донесе по брза постапка и со европско знаменце, сепак постојат процедури кои треба да се запазат.






– Заев и Мицкоски преку прес-конференција го најавија одложувањето на пописот, но си постои закон и си постои Устав. Како јас да им објаснам на над 100.000 граѓани дека на прес-конференција е одложен пописот? Ова е држава и овде постои ред. Нема да зборувам ништо додека не видам предлог-закон пред мене – рече Џафери и додаде дека тој лично е против одложување на пописот.

Тој вели дека Комисијата најпрво треба да дебатира во врска со измените на Законот за попис, но како што предупредува, во таа Комисија законски може да земат учество во дебата сите парламентарци, не само членовите на Комисијата.

– Времето на дебата не е ограничено и секој би можел да одолговлекува доколку тоа го посака. Исто така, овој Закон за попис треба да се гласа според Бадентер, па клучна ќе биде и средбата помеѓу Заев и албанската опозиција која е закажана за утре. Секако, постои можност да не се договорат и блокадата да продолжи. Проблемот е во тоа што лидерските средби се вонинституционални, а законите се носат и се менуваат во институциите. Собранието си има посебни закони, процедури и временски рамки кои треба да се запазат. Политичките лидери не треба да чекаат „5 до 12“ за да постигнуваат договори за менување на закони – рече собранискиот спикер.

Апсолутно има доволно време за да се спроведе и да се испочитува целата процедура за промена на Законот за попис.

Тито Петковски Поранешен претседател на Собранието

Од друга страна, пак, поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, за Плусинфо вели дека Џафери е должен да ја почитува политичката одлука на Заев и на Мицкоски, а како што објаснува, има доволно време за да се промени Законот за попис.

– Апсолутно има доволно време за да се промени Законот за попис. Постигната е политичка одлука и собранискиот спикер треба тоа да го испочитува. Сметам дека нема да има проблем и доколку не биде променет Законот за попис во наредните два дена, односно до првичниот датум за спроведување на пописот. Но, водејќи се според моето искуство, не очекувам дополнителни проблеми околу оваа работа, иако сè е можно кога пратениците се во игра. Постигнат е политички договор, политичките субјекти се информирани за таа одлука и сметам дека никој нема да ја кочи работата. Апсолутно има доволно време за да се спроведе и да се испочитува целата процедура за промена на Законот за попис. Впрочем, пописот се одложува поради пандемијата, а не затоа што Заев или Мицкоски така сакале. Јас знам дека Албанците во земјава многу труд вложија за пописот и затоа сега не можат толку лесно да го прифатат одложувањето на статистичката операција, но треба да се помират – вели Петковски.

Големо незадоволство од одлуката за одложување на пописот има во албанската опозициска коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, од каде што велат дека Заев и Мицкоски ги понижиле Албанците преку Али Ахмети.

Плусинфо разговараше со Флакрон Беџети, портпарол на Алијансата за Албанците, кој вели дека неговата партија никако не се согласува со одлуката за одложување на пописот, но дека засега сè уште нема одлучено како ќе постапат нивните пратеници кога ќе дојде време за промена на Законот за попис.

– Лидерите на политичките партии можат да се договорат за одложување на пописот, но Собранието е местото каде што се носи конечната одлука. Ние инсистираме сега да се одржи пописот, но веќе ако се одложува, таквата одлука треба да ја донесат сите политички партии во Собранието. Деновиве ќе одлучиме за тоа како ќе се однесуваме во Парламентот за време на дебатата за промена на Законот за попис – истакна Беџети.

Партијата Левица, која беше прилично гласна и бараше одложување на пописот поради пандемијата, а воедно ја водеше и кампањата „Не отворам врата“, соопшти дека е делумно задоволна од договорот помеѓу Заев и Мицкоски, но како што велат оттаму, потребен е нов Закон за попис кој ќе направи дистинкција помеѓу резидентното население и населението кое живее повеќе од една година во странство.

– Делумно сме задоволни. Како што напоменуваме и во нашата кампања „Не отворам врата“, сметаме дека одложувањето на пописот е потребно минимум до април 2022 година, и тоа со услов подготовките за пописот да почнат веднаш. Инаку, ние цврсто стоиме на ставот дека е потребен нов Закон за попис, кој ќе ги отклони сите недостатоци на постоечкиот, односно јасно ќе направи дистинкција помеѓу резидентното население и населението кое живее повеќе од една година надвор од државата, и закон кој точно и прецизно ќе воведе контролни механизми за добиените резултати од терен. Постоечкиот Закон за попис е донесен шверцерски, без можност за расправа по истиот, со грубо искористување на „европското знаменце“ за прескокнување на редовните процедури во Собранието – велат од Левица.

И партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз, го поздрави постигнатиот договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот од здравствени причини.

„Договорот за одлагање на пописот до септември ќе обезбеди голем дел од населението да се вакцинира, а особено попишувачите за што исто така се залагавме и тоа ќе даде дополнителни гаранции за успешен попис“, соопшти Демократски сојуз.

Процесот на самопишување на дијаспората почна на 1 март, а ќе трае сè до завршување на пописот, односно до 30 септември. Заклучно со вчерашниот ден, преку електронската апликација се самопопишале вкупно 171.620 македонски државјани кои живеат во странство.

На почетокот на месецов беа попишани лицата во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, лицата на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја и  членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив, како и бездомните лица.

Поврзани содржини