ИМАМЕ КАРПОШАНЕЦ ПРЕМИЕР, ТОА Е ВАЖНО Лукровски најавува синергија со централната власт
Лукровски најавува нови решенија и поголема соработка со централната власт за подобар живот на Карпошани.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски во поткаст организиран на една од социјалните мрежи, ја претстави својата визија за иднината на општината.
Лукровски нагласи дека проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Карпош не се соодветни на современото време и дека локалната власт мора да обезбеди подобар живот за карпошани.
– Направивме анкета пред два и пол месеци да ги терминираме проблемите со кои во главно се соочуваат карпошани. Морам да кажам дека не соодвествуваат на нешто што е одлика 21 век – рече Лукровски, истакнувајќи дека неговата нова визија за Карпош ќе биде препозната и поддржана на претстојните локални избори.
Кандидатот нагласи дека по 30 години се создава можност за нова синергија помеѓу локалната и централната власт, што ќе овозможи побрзо и поефикасно решавање на проблемите на граѓаните. Тој додаде дека фактот што премиерот е карпошанец ја олеснува соработката и ја зголемува шансата за реализација на важни проекти.
– Конечно после 30 години многу блиску сме до состојба, да во Карпош оствариме нова корелација помеѓу локалната и централната власт. Често имам чест да кажам дека имаме и карпошанец премиер, што ми е особено драго. Така ќе имаме добра синергија и јас сум човек, кој вие добро ме познавате, што би рекол народски, на глава ќе се „качам“ додека не издејствувам нешто добро за нашите сограѓани – истакна Лукровски.
Лукровски даде и осврт на работата на актуелните градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изразувајќи задоволство од нивниот ангажман и чесност, како и од фактот што граѓаните ја препознаваат нивната посветена работа.
– Мене ме радува тоа што граѓаните препознаваат работа и чесност. Имаме четири години локална власт каде што во најголем дел градоначалници се од нашата партија, и не видовме ниту еден скандал. Овој тренд на доверба кон ВМРО-ДПМНЕ се зголемува – заклучи Лукровски.
Тој исто така истакна дека Карпош, кој со години беше пример за хумано и квалитетно живеење, денес е под притисок на урбанистички решенија кои ја гушат секоја населба.
– На Карпош му е доста од градби кои го одземаат зеленилото и создаваат бетонски џунгли. Потребна ни е хумана урбанизација, со рамнотежа меѓу домувањето, зелените површини, инфраструктурата и јавниот интерес – рече Лукровски.
Тој најави неколку клучни мерки за идното раководство на Општина Карпош: целосна ревизија на сите детални урбанистички планови и дупови, формирање на ЈП „Карпош план“ под контрола на општината и граѓаните, како и воведување на отворен процес на консултации со жителите.
– Ниту еден план нема да се носи без транспарентна дебата и директна вклученост на оние што живеат во таа населба. Карпошани заслужуваат чист воздух, зеленило, простор за децата и мирен живот на своите маала – додаде Лукровски.