ЌЕ СЕ ИЗЗЕМЕ ЛИ СУДИЈКАТА ГАЈДОВА ЗА СЛУЧАЈОТ „СКОПСКИ ПАЗАР“? Треба да одлучува за сопругот на колешката Весна Дамева
Многумина очекуваа Гајдова да биде изземена од овој случај, но тоа не се случи.
Апелацискиот суд во Скопје сè уште не донел одлука за случајот во кои се обвинети поранешни акционери на компанијата Скопски пазар. Во овој случај спорно е учеството на судијката Габриела Гајдова во советот на Апелација, кој треба да одлучува по поднесената жалба, пишува порталот МКД.мк
На 15 ноември 2023 година судијката Гајдова е избрана за судијка во Апелацискиот суд Скопје, со глас „за“ и од Весна Дамева, актуелната претседателка на Судскиот совет и сопруга на Младен Дамев, кој се јавува како оштетен во случајот за кој деновиве Гајдова треба да одлучува и е во позиција да се „реваншира“ на Дамева за силната поддршка при нејзиниот избор.
Многумина очекуваа Гајдова да биде изземена од овој случај, но тоа не се случи.
Откако лани во јавноста се објавија информации дека кај Дамева има конфликт на интереси поради тоа што дел од судиите за кои таа треба да гласа за нивно унапредување постапуваат во предмети каде нејзиниот сопруг е странка или оштетен, во јуни 2023 година таа се иззема од гласањето. Меѓу судиите за унапредување тогаш беше Александра Ристеска од Основниот кривичен суд, која првостепено одлучи во корист на тужителот Младен Дамев, кој како управител на Скопски пазар ја претставуваше компанијата против поранешни акционери.
Така, сега во второстепената постапка, се очекуваше дека и судијката Гајдова ќе се изземе од случајот, поради постоење сличен конфликт на интерес.