ЌЕ СЕ ИЗВЕДУВААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ ДОКАЗИ, МЕЃУ КОИ И ЧАУРАТА ПРОНАЈДЕНА ПОКРАЈ УБИЕНИОТ ЖЕЖОВСКИ Продолжува судењето за убиствата на Вања и на Панче

Дел од доказите треба да биде и службена белешка од Велес, во врска со пиштолот на Видевски, кој не е пронајден.

1,149

Во Кривичниот суд Скопје денеска ќе продолжи судењето за грабнувањата и свирепите убиства на Панче Жежовски (74) од Велес и на Вања Ѓорчевсска (14) од Скопје. Процесот стаса до дополнение на доказната постапка.

За двете злосторства им се суди на Љупчо Палевски Палчо, поранешен претседател на партијата Десна и на неговите сопартијци Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Првообвинет е Палевски, кој се товари дека двете жртви ги убил со истрел во главата со пиштол со калибар од 9 милиметри.






Според Јавното обвинителство, мотивот за злосторствата е користољубие – Жежовски е грабнат и убиен за да му се одземе возилото „цитроен“, со кое е грабната Вања. Девојчето го грабнале со цел за неа да бараат откуп од близок член на семејството.

Му се суди и на Александар Ѓорчевски, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

На денешното рочиште се очекува да се доврши доказната постапка. Судијата Ивица Стефановски одобри да се вештачи чаурата која е пронајдена на местото каде е убиен велешанецот Жежовски. Дел од доказите треба да биде и службена белешка од Велес, во врска со пиштолот на Видевски, кој не е пронајден. Ќе се прочита и одговорот од Халкбанка на барањето на Судот за видеозапис од експозититурата во Буњаковец, за 27 ноември 2023 година, денот кога е убиена Вања, во периодот од 9 до 12 часот.

Судијата Стефановски на последното рочиште рече дека адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски доставил поднесок, со други поднесоци во прилог, а на Судот му е потребно  дополнително време за да ги разгледа.

Потоа ќе следува дополнение на доказната постапка. Не е познато што ќе побараат адвокатите на обвинетите и дали сите кои најавија, ќе понудат дополнителни докази. Досега дополнение на доказите најавија бранителите на Палевски, Видевски и на Ѓорчевки.

Обвинетите за злосторствата дадоа различни искази пред судот. Своето учество во грабнувањето и убиствата го признаа Велибор Манев и Влатко Кешишев, но нивните верзии на настаните не се поклопуваат во целост. Љупчо Палевски и Боре Видевски негираа каква било поврзаност со убиствата, но не обезбедија алиби за 22 ноември и за 27 ноември 2023 година. Таткото Александар Ѓорчевски негираше дека учествувал во грабнувањето на неговата ќерка Вања и дека им одал информации на грабнувачите кога таа ќе оди сама на училиште.

По оваа фаза, на наредните рочишта ќе следуваат завршните зборови на Обвинителството и на одбраната, по што ќе биде изречена пресудата за суровите убиства што ја потресоа Македонија и целиот регион.

Поврзани содржини