ЌЕ СЕ ГРАДИ РЕГИОНАЛЕН ТРАНСПОРТНО-ЛОГИСТИЧКИ ЈАЗОЛ КАЈ ТРУБАРЕВО Николоски најави реконструкција на автопатот „Пријатели“ и на скопската обиколница

Министерот за транспорт е задоволен од растот на секторот транспорт и логистика во вториот квартал, но очекува тој да се забрза во наредниот период.

788

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски, денеска пред превозниците организирани во Макамтранс, ги презентира крупните стратешки проекти со кои ќе се забрза растот на транспортот и логистиката во земјава.

Тој рече дека е задоволен од растот на секторот транспорт и логистика од 6,1% во вториот квартал од годинава бидејќи тоа говори дека секторот расте и се развива, но државата, како што рече, работи на стратешки проекти за подобрување на условите за тој развој.






Николоски најави реконструкции на автопатишта и проширување на гранични премини.

– Следната година ќе се реконструира поголемиот дел од автопатот „Пријатели“, како и обиколницата на Скопје, а ќе се заврши и изградбата на автопатот од Коридорот 10Д, од Прилеп до Битола со што ќе се придонесе за забрзување на протокот на стоки и услуги низ државата и ќе се овозможи подобар пристап кон граничниот премин со Грција. На запад се работи на автопатот од Коридорот 8 кој ќе се поврзе со автопатот Кичево – Охрид и граничниот премин Ќафасан кој ќе се прошири, а се работи и на источниот дел од Коридорот 8 и веќе се проширува преминот Деве Баир – рече тој.

Николоски како мошне значаен го спомена и логистичкиот јазол кај Трубарево, кој како што рече ќе прерасне во земјено пристаниште на регионот.

– Работиме на мултимодуларен јазол во постојниот кај Трубарево и во продолжение со пресекот на двата коридора кој треба да прерасне во централен во регионот. Првата фаза стартува следната година со изградба на инфраструктура од страна на државата, а во 2027 година треба да биде готов проектот за проширување со цел тоа да стане пристаниште на суво – рече тој.

Како значајно за превозниците го спомена воведувањето на електронскиот систем ЕТИАС и решавањето на проблемот со електронската евиденција на ЕУ, проблем кој, како што рече, брзо треба да се реши.

Николоски најави и законски решенија за сообраќајот на брзите пратки и логистиката.

На настанот присуствуваа и директорот на Царинската управа Бобан Николоски и Амире Јакупи Кадри, директорка на Државниот инспекторат за транспорт.

На средбата е промовирана апликација за годишни ЕКМТ дозволи за 2026 година, а се одржува и мини саем на кој се претставени ВИП членки и соработници на Макамтранс со услуги и производи за вршење на дејноста.

Поврзани содржини