ЌЕ СЕ ГРАДИ ФОТОВОЛТАИЧНАТА ЦЕНТРАЛА „БИТОЛА 3“ Државната ЕСМ зема кредит од 97 милиони евра

ЕСМ планира 10 милиони евра од овие пари да намени за завршување на ревитализација на хидроелектраните Вруток и Тиквеш.

376

ЕСМ ќе се задолжи со 97 милиони евра за изградба на фотоволтаичната централа „Битола 3“ и да ја заврши почнатата ревитализација на хидроелектраните Вруток и Тиквеш.

Финансиската конструкција за изградба на фотоволтаичната централи изнесува 87 милиони евра, додека пак 10 милиони евра се потребни за завршување на ревитализацијата на хидроелектраните.






За реализирање на двата проекта ЕСМ ќе се задолжи со 60 милиони евра кај  германската  Кредитната банка за обнова – КфВ од кои 50 милиони евра ќе бидат наменети за изградба на фотоволтаичната централа, а остатокот од 10 милиони евра ќе бидат потрошени за доплнување на финансиската конструкција за ревитализација на хидроелектраните.

Остатокот од потребните пари за изградба на фотоволтаичната централа „Битола3“ од  37 милиони евра ќе се обезбедат од кредитот од  Европската банка за обнова и развој.

Законите за обезбедување на кредитите се на расправа во Собранието, а гаранција за нив дава државата.

Според она што се предвидува во Законот за задолжување кој денеска се разгледува на собраниската комисија за финансирање, рокот за отплата на заемот кај КФВ  е  12 години, со вклучен грејс период до 3 години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно при секое повлекување од заемот. Таа ќе биде варијабилна и ќе се пресметува како збир на: – ЕУРИБОР за соодветниот период на камата и 6 – плус маргина која ќе се утврди на денот на склучувањето на Договорот за заем. ЕСМ ќе ѝ плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 1% од износот на заемот.

Кредитот од  Европската банка за обнова и развој е со рок на отплата од 15 година со вклучен грејс период од 3 години. Каматата и за овој кредит е варијабилна. се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. АД ЕСМ – Скопје, ќе и плати на Европската банка за обнова и развој еднократна провизија во висина од 1 % од износот на заемот.

Според она што е наведено во законите за земање на заемите, со изградбата на фотоволтаичната централа Битола 3 се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од обновливи извори на енергија од минимум 134 MW, како и зголемено производство на електрична енергија од околу 175 GWh годишно. Дополнително со  имплементација на проектот ќе се зголеми учеството на обновливи извори на енергија во земјата со што ќе се придонесе за исполнување на стратешките определби и обврските согласно меѓународните договори за учеството на обновливите извори на енергија. Исто така ќе се  уредат околу 200 хектари земјиште во кругот на рудникот во РЕК Битола, за кое АД ЕСМ има обврска за рекултивација.

Обезбедувањето на дополнителните средства за финансирање на Проектот за ревитализација на хидроелектрани ќе овозможи зголемување на производствениот капацитет за дополнителни 13,5 MW  и тоа дополнителни 3,5 MW во ХЕ Врбен каде е планирано да се замени турбинската опрема и 10 MW во ХЕ Тиквеш каде што треба да се заменат трансформаторите. Со тоа ќе се овозможи и дополнително производство на електрична енергија од околу 47,5 GWh/годишно.

Со ова, велат од ЕСМ, ќе се зголеми животниот век на хидроелектраните, целосно ќе се искористи водениот потенцијал на постојните хидроелектрани, а крајна цел е  да се зголеми сигурноста и стабилноста на целиот електроенергетски систем на земјата.

Поврзани содржини