ЌЕ СЕ ГРАДАТ УЧИЛИШТА И СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ, ПРЕДВИДЕНИ СЕ НАД 160 ПРОЕКТИ Во образованието лани се вложени 65 милиони евра
Наш интерес како Влада е интересот на граѓаните, сето она коешто претставува нивна потреба, ние тоа да го реализираме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој ја пушти во употреба реновираната спортска сала во Кратово.
Оваа година се предвидени над 160 проекти во областа на образованието, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој го посети Кратово, каде ја пушти во употреба реновираната спортска сала.
Тој одговараше на новинарско прашање за тоа дали оваа година ќе има инвестиции во образовната инфраструктура.
– Да, впрочем, и овој објект е дел од тие инвестиции. Инаку, повеќе од 160 до 170 проекти ширум државата се предвидени за инвестирање во делот на образованието, училишта, студентски домови, итн. Ова е нешто што претставува императив за оваа Влада – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за година и половина се инвестирани повеќе од 65 милиони евра во образованието.
Тој му честиташе на градоначалникот Тодорче Николовски за исклучително успешната работа во општина Кратово.
– Моето присуство, на останатите членови на Владата и на пратениците во македонското Собрание е исклучително значајна порака за Кратово и кратовчани дека како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите што одговараат на потребите на жителите во оваа општина. Неколку проекти се реализираат од средствата што ги пренасочивме од централниот буџет кон општините и тој процес ќе продолжи во годините коишто следат. Наш интерес како Влада е интересот на граѓаните. Сето она коешто претставува нивна потреба, ние тоа да го реализираме. Нека е честито пуштањето во функција на овој прекрасен објект и уште многу спортисти и таленти да изникнат од оваа спортска сала – рече Мицкоски.