ЌЕ СЕ ГРАДАТ ЕДНА КОГЕНЕРАТИВНА ЦЕНТРАЛА ОД 495 МЕГАВАТИ, 59 ФОТОВОЛТАИЦИ И 7 ВЕТЕРНИЦИ Објавен е планот за изградба на енергетски капацитети за годинава
Вкупната инвестициска вредност на објектите изнесува 5,7 милијарди евра, а ќе се добијат 4.416 мегавати енергија.
Годинава во земјава ќе се градат 67 енергетски објекти кои треба да обезбедат 4.416 мегавати енергија. Во нив ќе се вложат 5,7 милијарди евра. Ова го предвидува планот за изградба на енергетски објекти за 2026 година, за кој денеска информираше Министерството за енергетика.
Според планот 59 се фотоволтаични електроцентрали со моќност над 3.000 мегавати и вредност од 2,1 милијарда евра, 7 ветерни електроцентрали со 907 мегавати и 1,18 милијарда евра и една когенеративна гасна електроцентрала со 495 мегавати и 445 милиони евра.
Значаен сегмент од Планот се системите за складирање на електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем.
Во Планот се опфатени 77 интегрирани складишта во склоп на постоечки или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389 MW и капацитет за складирање од 3.465 MWh и 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637 MW и капацитет од 1.494 MWh.
Вкупно, Планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027 MW, капацитет од 4.960 MWh и проценета инвестиција од 1.98 милијарди евра.
-Овој план не е само список на желби, туку конкретен стратешки документ кој ја трансформира нашава енергетска слика и зацврстува независноста изјави министерката за енергетика и рударство Соња Божиновска.
Од 284 барања, одобрени се 97 компании по принцип „прв дојден, прв услужен“. Вклучени се и 56 општински проекти од Македонски Брод, Лозово, Дебарца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани, со анализи за мрежна стабилност.
Станува збор за фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќност од 51,8 MW, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,67 MW и капацитет од 117 MWh, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
-Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката- нагласи Божиновска.
Божиновска истакна дека овој план ќе обезбеди повисоки стандарди, построга контрола и јасни правила, со јасен баланс меѓу енергетската сигурност, заштитата на животната средина и јавниот интерес.