ЌЕ СЕ ГРАДАТ ДВА МОНТАЖНИ ПАРКИНГА НА КЛИНИЧКИ, А АКО ИМА ПОТРЕБА И ТРИ Потпишан договор на 15 години

Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година.

25

Министерството за здравство и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а другиот кај црквата во Клинички.

Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг, а доколку се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе се овозможи и таква опција.






– Околу три милиони евра ќе предвиди Градот Скопје во првата фаза за изградба на монтажни паркинзи, но приоритет ќе имаат двата монтажни паркинга во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Цените за паркирањето на Клинички ќе останат исти во наредниот период, а откако ќе се изградат монтажните паркинзи ќе биде утврден за дополнителните позиции нов правилник, но тоа нема да значи покачување на цените, туку утврдување на односите поврзани со наплатата – рече Ѓорѓиевски.

Тој соопшти дека онколошките пациенти и граѓани со одредени дијагнози бесплатно ќе ги користат паркинг услугите.

Паркинзите ќе имаат нов систем за евиденција и наплата преку кои ќе се врши детекција на слободни места и ќе се овозможи полесен и побрз пристап, а пациентите ќе ги користат по истите цени и по повластени услови.

Ова, според Алиу и Ѓорѓиевски, е капитален проект не само за Скопје, туку за цела Македонија и со него ќе се реши досегашниот децениски хаос со паркирањето во Клиничкиот центар.

– Договорот за давање под закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје предвидува организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во комплексот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Град Скопје има обврска во следните 60 дена да достави акциски план за спроведување на активностите со конкретни рокови за имплементација. Договорот е на 15 години, со закупнина во висина од 10 отсто од вкупно остварениот промет, а Град Скопје ќе почне со проектирање и изградба на катни гаражи и инфраструктурно уредување. Проектот значи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање за околу 50 отсто. Закупецот е должен пред Советот на Град Скопје да предложи ценовник за паркирање со билети за корисници за комерицијална употреба на здравствени услуги, за пациенти со малигни заболувања и за вработените во Клинички. Проектот ќе предвидува комплетен мониторинг на паркирањето и дигитален водич за граѓаните, хортикултурно уредување на просторот, паметен паркинг-систем со сензори за детекција на слободни паркинг-места, мобилна апликација, поврзување со фискален систем… – истакна министерот Алиу.

Според градоначалникот Ѓорѓиевски, наместо приватен инвеститор, паркинзите ќе ги гради Град Скопје што ќе оневозможи поскапување на билетите и остварување бизнис профит.

– Во минатото беа планирани други цели за паркингот на Клинички, особено јавно-приватно партнерство со што интересот на граѓаните ќе беше во втор план зашто кога ќе се случи ЈПП и кога ќе влезе приватен инвеститор и цените ќе се зголемат. Дојдовме до соломонско решение. Наместо приватен, инвеститор ќе биде Град Скопје. Наредната недела, в четврток, ќе правиме ребаланс на Буџетот, а една од точките ќе бидат монтажните паркинзи, два во првата фаза со најмалку 500 паркинг места за почеток. Ако се покаже дека има потреба од повеќе, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Тоа ќе биде генерално решавање на хаосот што владее со години на Клинички. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе овозможиме и таква опција, но фокусот ќе биде задоволување на потребите на пациентите и на вработните во Клинички. Планираме по ребалансот да биде распишана тендерска постапка – проектирање и изведба. Операторот што ќе го добие тој проект, ќе треба да го заврши во рок што ќе го утврдиме со Министерството, но тоа нема да биде повеќедецениски проект. Се надевам дека до втората половина на наредната година двата монтажни паркинга ќе бидат ставени во функција. Ќе бидат ултра современи, со нов систем за евиденција и наплата, точно ќе се врши детекција на слободни места, ќе се овозможи полесен и побрз пристап и ќе се спречат дополнителните нервози кај граѓаните – подвлече Ѓорѓиевски.

 

Поврзани содржини