ЌЕ СЕ ГРАДАТ 30 УЛИЦИ И 1.000 НОВИ ПАРКИНГ МЕСТА Герасимовски вети голема трансформација на Центар

Градоначалникот на Центар нагласи дека во изминатиот мандат е изградена најдобрата градинка во Македонија, а веќе е подготвена и изградбата на нова.

130

Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вечерва пред центарци истакна дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината. По четири години Центар е нова приказна, нова општина.

Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.






– Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени – рече Герасимовски.

Герасимовски, потенцираше дека во ова невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.

– Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Не! Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме – изјави Герасимовски.

Герасимовски порача дека следува модернизација на уште 30 улици и 1000 нови паркинг места.

– Со знаење, со искрена желба, со многу поддржувачи, со многу љубов и човечки однос, постигнавме многу, за да денес со чист образ и нова Програма, ја бараме поддршката за Центар што го сакаме! –  рече Герасимовски.

Тој потенцираше дека во Центар се обновуваат улиците и маалата. Со нови улици, паметно осветлување, со модерни детски игралишта, со нова урбана опрема.

– Најавуваме модернизација на уште нови над 30 улици, пјацети и маала. Јавно се обврзуваме дека Центар мора да биде првата општина без дрвени бандери и висечки кабли. Центар ќе биде првата општина со најмногу зеленило по жител и со квалитетна содржина во маалата. Знам дека сите сакаат да бидат во Центар и сите да имаат паркинг места! Одговорно велам дека приоритет мора да имаат граѓаните на Центар. И затоа, подготвени се нови 1000 паркинг места. Го затвораме дел од Дебар Маало, за да има ред и пријатна атмосфера за сите, и за жителите и за ценетите гости – рече Герасимовски.

Герасимовски, изјави дека општината самата успеала да го реши проблемот со сметот благодарение на новата опрема и вредните хигиеничари.

– Сами успевавме да ги решиме проблемите со сметот! Со нова опрема, со вредни хигиеничари, со присуство на теренот. И не оставаме на другите да решат дали ќе работат. Најавуваме уште нова опрема, цистерни и метларки, најавуваме плус хигиеничари, нови контејнери и канти. Во Центар има разлика, и мора да биде подобро и најдобро. Во Центар се правеа паркови, пјацети и оази, и немаше место за депонии. Обновуваме зеленило и ќе продолжиме. Садевме квалитетни дрвја и ќе садиме уште повеќе. Центар добива уште нови зелени оази и вистинско зеленило и хигиена – истакна Герасимовски.

Тој додаде и дека ќе се добие борбата против бучавата и прекршителите на мирот и редот во Центар со поставување на нови бројни и јавни мерачи на бучавата, за да конечно се искорени.

Поврзани содржини