ЌЕ СЕ ДИГИТАЛИЗИРААТ НАЈМАЛКУ 25 ЛОКАЛНИ УСЛУГИ Системот, а не градоначалникот ќе генерира даночни решенија

Предлагаме да се намали прагот за потписи за поднесување на граѓански иницијативи од 10% на 5%, предлагаме времето на одговор на градоначалник да е намали од 90 на 60 дена, како и секоја дебата на Советот да биде јавно објавена на каналите за електронска комуникација на општините, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.

224

По една година од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните веќе ги чувствуваат резултатите од ефикасното, посветено и отчетно работење, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

– Она што го наследивме беше еден руиниран систем во целост. Државата во изминатиот период функционирала во некоја инерција, практично немало никој ниту да мониторира, ниту да контролира одредени процеси и мене ми е навистина жал што е така. Можам да кажам дека сум горд што сум дел од оваа Влада, затоа што изминатите 12 месеци, мислам дека постигнавме многу. Пред сè, успеавме да ги детектираме аномалиите на сите нивоа на власт. Ресорот што го предводам беше оставен на маргините на функционирањето на Владата. И токму заради тоа што во изминатиот период не било посветено внимание во овој ресор, нам ни се случува сега концентрација на населението во поголемите и урбани центри, а празнење на помалите и рурални средини, што е навистина исклучително поразително за една држава. Аномалиите практично беа очигледни, а ние креиравме предлог-решенија базирани на одржлива основа и коишто ќе треба да бидат функционални и оперативни децении пред нас – рече министерот Перински во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува – една година Влада“.






Министерот нагласи дека е донесена одлука за степенот на развиеност на регионите, што претставува законска обврска што претходната власт ја игнорирала. Тој посочи и дека е воспоставен нов пристап кој е системски, функционален и долгорочен.

– Она што ние како група на ентузијасти внатре во министерството одлучивме да го работиме во оваа прва година е да се фатиме со најкрупните теми. Во таа насока увидовме, што исто така е поразително за една држава, дека претходната влада не донела ниту одлука за одредување на степен на развиеност на регионите, што е и кршење на законска одредба. Тоа веднаш го саниравме – дециден е Перински.

Перински објасни дека е во процес создавање ресурсен центар со три основни постулати. Првиот постулат опфаќа стручна експертиза за општините, особено за руралните, за спроведување на нивните надлежности. Вториот дел ќе значи перманентна обука за административниот кадар, со цел да се создаде институционална меморија и континуитет. Третиот аспект е целосна дигитализација и минимум 25 локални услуги на националниот портал uslugi.gov.mk.

– Третиот аспект е процесот на дигитализација. Ние можеме да зборуваме колку сакаме за осовременување на процесите, за надминување на сите препреки и предизвици коишто ги носат модерните услови на живеење, но доколку процесот на дигитализација не го спроведеме во целост секогаш ќе бидеме под постојан ризик и од аспект на корупција и од аспект на ненавремено испорачување резултати. Затоа процесот на дигитализација, којшто морам да споменам дека заедно го работиме со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, предвидува минимум 25 локални услуги кои општините ги испорачуваат кон граѓаните да бидат дигитализирани во целост и интероперабилни со услугите од централно ниво – нагласи Перински.

Тој истакна дека со најновите измени на Законот за локална самоуправа, се воведуваат конкретни чекори кои значително ќе ја зголемат транспарентноста и одговорноста во работењето на општините.

– Во законот многу се придонесува кон зголемување на транспарентноста на локалните самоуправи, не само на ниво на функцијата градоначалник, туку и на ниво на општинскиот совет. Прво, го намалуваме, т.е. предлагаме да се намали прагот за потписи за поднесување на граѓански иницијативи од 10% на 5%. Второ, времето на одговор на градоначалник го намалуваме од 90 на 60 дена. Трето, секоја дебата на Советот или секоја седница на Советот мора да биде јавно објавена на каналите на електронска комуникација на општините. Четврто, доколку го спроведеме во целост процесот на дигитализација веќе градоначалникот нема да има субјективитет во насока на тоа самиот да одлучува кому ќе издаде даночно решение и кога. Тоа ќе оди по електронски пат, системот ќе генерира даночни решенија за жителите на одредена општина. И тука нема веќе субјективитет, а со тоа и директно превенираме во делот на корупцијата – заклучи Перински.

Поврзани содржини