Ќе работиме од дома, додека не биде безбедно да се вратиме на работа
Во сила и натаму е Протоколот за превентивни мерки за сите работни места од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирусот ковид-19.
По престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот ковид-19, што значи доколку работодавачот оцени дека работниот процес може да се организира преку работа од дома, согласно Протоколот број 15, тогаш нема никаква пречка.
Ова е заклучокот од 65-тата владина седница одржана на 12.06.2020 година, со што се потврди дека во сила е и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирусот ковид-19 (Службен весник бр.147 од 03.06.2020 година), велат од владината прес-служба за Плусинфо.
– Согласно Протоколот бр. 15 за превентивни мерки за сите работни места кои се составен дел на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19 (Сл. весник на РСМ бр. 147/2002), се дава можност и препорака да се организира и зголеми работата во смени, поделба во тимови, или пак работата да се организира од далечина доколку е возможно согласно работниот процес. Ова значи доколку работодавачот оцени дека согласно работниот процес може да се организира работата од дома, согласно наведениот Протокол нема пречка – изјавија за Плусинфо од Министерство за труд и социјална политика.
Од Македонската банкарска асоцијација (МБА) изјавија дека и покрај тоа што е завршена вонредната состојба во земјата, тие и натаму ќе ги следат препораките од Владата со цел да се заштитат вработените во Банките, но и да не се стопираат работните активности.
– Имајќи го предвид Протоколот, повеќето Банки работата и извршување на работните активности ја организираат со тимови од вработени кои работат на работа и од дома, со цел да се обезбеди заштита на вработените, а процесот на работа да се одвива континуирано. Вака организираниот процес на работа ќе продолжи сѐ до нови насоки од страна на Владата и надлежната здравствена комисија, односно до создавање безбедни услови при работа, имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот – велат од МБА.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека можностите за организацијата на работниот процес за работа од дома и за воведување флексибилност во организацијата на работните процеси, се одвиваа и до сега согласно постојната рамка која ја дефинира Законот за работни односи, но додаваат дека потребни се промени во истиот закон.
– Тековните состојби покажаа дека е потребно во Законот за работни односи кога во идниот период би се правеле одредени измени и дополнувања, да бидат уредени и соодветни допрецизирања во однос на спроведување на работа од дома – велат од Стопанската комора на Македонија.
И по завршувањето на вонредната состојба продолжуваат да важат мерките со кои се ослободуваат од работни обврски: родителите на деца на возраст до 10 години или активно четврто одделение, хронично болните лица, бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба – потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо овие лица да ги извршуваат своите работни обврски од дома, објави на својот профил на Фејсбук министерот Венко Филипче.
Неодамнешното истражување што го спроведе Сојузот на стопански комори, во кој членуваат над 24.000 главно микро, мали и средни претпријатија, покажа дека 80 проценти од компаниите немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн.
– Од сите претпријатија вклучени во истражувањето, 80 проценти се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност, 70 проценти се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 проценти од нив бараат алтернативни начини, а 11 проценти не бараат друг начин – изјави неодамна Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК.