ЌЕ ПРОДОЛЖИ ЛИ НАСТАВАТА ОНЛАЈН? Се бара второто полугодие да почне на далечина

Движењето „Поддршка за онлајн настава“ aпелира до министерот за здравство и до министерката за образование и наука, како и до Комисијата за заразни болести да дадат предлог до Владата нивното барање да се реализира.

503

Движењето „Поддршка за онлајн настава“ произлезено од Фејсбук група која брои 15.000 членови денеска на прес-конференција побара второто полугодие од учебната 2021/22 да почне со онлајн настава.

– Ние не сме способни да имаме комбинирана, не сме способни да имаме ни со физичко присуство настава, затоа што децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците, цели семејства – изјави Ана Глигорова, претставник на движењето „Поддршка за онлајн настава“.






Таа aпелираше до министерот за здравство и до министерката за образование и наука, односно до Комисијата за заразни болести да дадат предлог до Владата нивното барање да се реализира.

– Се работи за огромен број случаи кои едноставно сакаат онлајн настава во второто полугодие поради здравствениот ризик во земјава. Во моментов имаме нагорна линија на позитивни лица на корона вирусот, па сметаме дека нема услови за настава со физичко присуство во тесни училници, непочитување на протоколи, нетестирање на ученици и персонал, отворени прозорци во зимски услови, поради што за кратко време ќе се доведат во смртна опасност голем број семејства – додаде Глигорова.

На прашањето на Плусинфо до Министерството за здравство дали ќе се предолжи второто полугодие да почне онлајн, денеска одговорија дека Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок а за заклучоците од состанокот јавноста навремено ќе биде информирана.

Поврзани содржини