ЌЕ ПРЕГОВАРАМЕ СО СЕКОЈ ШТО САКА ДА РАЗГОВАРА Земјите што не возвратија на царините ќе бидат наградени, порачаа САД
Секретарот за финансии на САД Скот Бесент се обрати пред медиумите во обид да ги разјасни коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за новите трговски царини. Трамп денес најави дека ќе ги суспендира на 90 дена воведените високи царини кон повеќето светски земји, но во исто време најави зголемени царини за Кина, од неверојатни 125 проценти, јавуваат медиумите.
Бесент порача дека САД се подготвени да преговараат со „секоја земја во светот“ што сака да разговара за трговските услови.
– Ќе преминеме на основна царина од 10 отсто за тие земји – изјави тој, додавајќи дека тарифите за Кина ќе бидат зголемени на 125 отсто поради, како што рече, „нивното инсистирање на ескалација“.
Според Бесент, повеќе од 75 земји веќе контактирале со САД за да разговараат за условите, а Вашингтон е подготвен да преговара „во добра верба“.
Тој нагласи дека 90-дневната пауза, најавена од Трамп, ќе обезбеди време за овие преговори. Оваа ненадејна промена во политиката на Трамп доаѓа помалку од 24 часа откако стапија во сила високите тарифи за увоз од десетици трговски партнери.