СО РАКЕТА? САМО МИНУТА Путин му се заканил на Џонсон денови пред војната во Украина

Тој ми се закани во еден момент и ми рече: „Борис, не сакам да те повредам, но, со проектил, ќе потрае само една минута“, или нешто слично, се сеќава Борис Џонсон, доскорешниот британски премиер.

670

Доскорешниот британски премиер Борис Џонсон изјавил дека Владимир Путин му се заканил со ракетен напад во „вонреден“ телефонски повик во пресрет на руската окупација на Украина. „Ќе потрае само минута“ наводно му рекол Путин, откако претходно Џонсон го предупредил дека војната ќе биде „крајна катастрофа“ во еден долг и тежок разговор, открива Би-Би-Си во свој документарец.

Во филмот Би-Би-Си ги испитува средбите и телефонски повици на светските лидери со Путин.






За разговорот од февруари 2022 година со Џонсон, се вели следното. Џонсон пробал да го одврати Путин од воена акција во Украина велејќи дека земјата ионака нема да се приклучи на НАТО „во догледна иднина“. Истовремено, тој му рекол дека војната ќе доведе до санкции од Западот и повеќе НАТО-војници на руските граници.

Но, г-дин Џонсон рече: „Тој ми се закани во еден момент и ми рече: „Борис, не сакам да те повредам, но, со проектил, ќе потрае само една минута“ или нешто слично“.

– Но, мислам дека со опуштениот тон што го имаше, што се чинеше дека го има, тој само си играше заедно со моите обиди да го натерам да преговара – вели Џонсон во документарецот.

Невозможно е да се знае дали заканата на Путин била вистинска, пишува Би-Би-Си.

 

Сепак, имајќи ги предвид претходните руски напади врз Велика Британија, последниот во Солсбери во 2018 година, секоја закана од рускиот лидер, колку и да е лесно изречена, веројатно била таква што г-дин Џонсон немал друг избор освен да ја сфати сериозно.

Девет дена подоцна, на 11 февруари, британскиот секретар за одбрана, Бен Валас, полета за Москва за да се сретне со неговиот руски колега Сергеј Шојгу.

Документарецот на Би-Би-Си насловен „Путин против Западот“ открива дека Валас си заминал со уверување дека Русија нема да ја нападне Украина, но тој рече дека двете страни знаеле дека тоа е лага.

Валас ја опишал средбата како „ малтретирање или покажување сила, што всушност значи: ќе те лажам, знаеш дека лажам и знам дека знаеш дека лажам и сè уште ќе те лажам“.

– Мислам дека се работи за тоа да се каже „јас сум моќен“- изјавил британскиот секретар.

Валас рече дека „прилично застрашувачката, но директна лага“ го потврдила неговото верување дека Русија ќе изврши окупација.

Кога Валас го напуштал состанокот, вели дека генералот Валери Герасимов, тогашниот началник на Генералштабот на Русија, му рекол „никогаш повеќе нема да бидеме понижени“.

Помалку од две недели подоцна, додека тенковите ја поминаа границата на 24 февруари, премиерот Борис Џонсон доби телефонски повик среде ноќ од претседателот Зеленски.

– Зеленски беше многу, многу мирен – се сеќава Џонсон.

– Но – ми вели – знаете, тие напаѓаат насекаде.

Џонсон вели дека понудил помош за преместување на Зеленски на безбедно место.

– Тој не ја прифати таа понуда. Тој херојски остана таму каде што беше – се сеќава некогашниот британски премиер.

Поврзани содржини