ЌЕ ПОСТИГНЕМЕ ВИСТИНСКИ ДОГОВОР ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО Мицкоски ветува дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе преговара одново со Софија
Суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ, а вратата со која што се отвора можноста да се направи асимилација на македонскиот народ е токму промената на Уставот – рече Мицкоски.
Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне повторно на маса со владата во Софија и да ги репреговара сите околности за кои што сега цениме дека се асимилаторски и се кочница за патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ и спремни сме да постигнеме еден вистински добрососедски договор, кој што навистина ќе ги подобри односите меѓу двата народа, македонскиот и бугарскиот и помеѓу двете држави Македонија и Бугарија – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на посета на Штип. Тој одговараше на прашање за иницијативата за референдум за Договорот за добрососедство со Бугарија, која беше отфрлена од претседателот на Собранието.
– Суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ, а вратата со која што се отвора можноста да се направи асимилација на македонскиот народ е токму промената на Уставот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи било каква промена на Уставот, тоа треба да сте сигурни и сега кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, условно кажано, но и наскоро кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната влада во Македонија. Нема да поддржиме промена на Уставот и на тој начин отворање на вратата за асимилација на македонскиот народ, која што директно значи удар врз македонскиот идентитет – нагласи Мицкоски.