ЌЕ ПОРАСНЕМЕ ЗА УШТЕ 100.000 ВОЈНИЦИ Зеленски планира да ја проширува украинската армија
Украинскиот претседател вели дека украинската економија се стабилизира, апелирајќи до пратениците да останат обединети и да не паничат поради заканата од руска воена офанзива.
Во следните три години Украина ќе го зголеми бројот на своите вооружени сили за 100.000, кои моментално бројат речиси 250.000, соопшти денеска пред Парламентот украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој, исто така, рече дека украинската економија се стабилизира, апелирајќи до пратениците да останат обединети и да не паничат поради заканата од руска воена офанзива. Зеленски изрази надеж дека наскоро ќе биде договорена следната рунда разговори за Украина во нормандиски формат (Украина, Русија, Франција и Германија).
– Дипломатската поддршка за Украина е безусловна и најзначајната од 2014 година и таа продолжува. Воено-техничката помош за Украина е најзначајна, највредна и продолжува да пристигнува – рече Зеленски.
Во текот на неделава планирани се посети на Киев на премиери и претседатели на повеќе земји. Денеска се очекува да пристигнат премиерите на Велика Британија и Полска, Борис Џонсон и Матеуш Моравјецки, а во наредните денови и холандскиот премиер Марк Руте и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Предвидени се и посети на петмина европски министри за надворешни работи, меѓу кои Франција и Германија.