ЌЕ Ѝ ПОКАЖЕМЕ НА НАЦИЈАТА КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПОРАЗИ ТРАМП Зохран Мамдани се подготвува да ја преземе градоначалничката функција

Освен што може да се соочи со конфликти со администрацијата на Трамп околу финансирањето здравствени и социјални програми, Мамдани е подготвен и за судир поради кампањата на претседателот за депортации. Мамдани вети дека ќе го зајакне статусот на Њујорк како „град засолниште“.

222

Кога на 1 јануари 2026 година ќе положи заклетва како 111. градоначалник на Њујорк, Зохран Мандани ќе биде најмладиот политичар што ја зазел таа функција во последните сто години. Ќе биде и првиот муслиман и првиот човек со јужноазиско потекло што станал градоначалник во 400-годишната историја на градот. Мамдани стана натурализиран американски државјанин дури во 2018 година.

34-годишниот демократски социјалист, оствари историска победа на градоначалничките избори во Њујорк, ветувајќи политики што треба да го направат животот поевтин за жителите. Тој освои повеќе од 50 отсто од гласовите, додека поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој се кандидираше како независен, доби нешто над 40 отсто. Републиканецот Кертис Слива освои околу 7 отсто.






Фактот што Мамдани успеа убедливо да победи ја покажува силата на неговата привлечност и колку неговата харизма, вештината на користење на социјалните мрежи и пораките за достапност на животот одекнаа кај гласачите.

Но она што го издвојува Мамдани, е неговата директна конфронтација со Доналд Трамп, кој се смета за негова најголема пречка во исполнувањето на предизборните ветувања. Никогаш во историјата градоначалник на Њујорк не бик пречекан со тојкав анимозитет од првиот човек на државата. Односот со Трамп со право се смета за негов најголем предизвик во мандатот.

Мамдани беше непоколеблив во говорот по победата.

– Ако постои некој што може да ѝ покаже на изневерената нација од Доналд Трамп како да го порази, тоа е градот што го создаде. А ако постои начин да се исплаши деспот, тоа е преку уривање на самите услови што му овозможија да ја акумулира својата моќ – им рече тој на своите поддржувачи

Иако вети дека ќе се спротивстави на потезите на Трамп, Мамдани сепак рече дека ќе се фокусира на водење на градот обединет околу своите луѓе, а не на личен конфликт со претседателот.

Трамп, пак, во средата упати неколку навредливи коментари за Мамдани на настанот „Америка бизнис-форум“ (America Business Forum) во Мајами.

– Демократите се толку екстремни што Мајами наскоро ќе стане засолниште за оние што бегаат од комунизмот во Њујорк – рече тој.

Во следното интервју за „Фокс њус“, Трамп изјави дека е раздвоен меѓу желбата Њујорк да успее и надежта дека Мамдани ќе му послужи како корисен политички противник. Тој рече дека новиот градоначалник има „лош почеток“ со својот предизвикувачки говор по победата и дека треба да биде „понаклонет“ ако сака да успее.

На прашањето дали планира да се сретне со Мамдани, Трамп одговори дека смета оти „би било поприкладно тој да се обрати прв“.

– Јас сум тој што, во суштина, треба да одобри многу од работите што доаѓаат до него“, рече Трамп.

И навистина, за да ги исполни своите предизборни ветувања, Мамдани ќе мора да обезбеди повеќе средства од федералната влада, која годинава придонесе со над 7 милијарди долари во буџетот на градот. Но Трамп веќе го нарече „комунистички лудак“ и јасно стави до знаење дека ќе го ограничи пристапот на Њујорк до федерални средства.

Мамдани вети дека веднаш ќе почне со спроведување на своите изборни ветувања: замрзнување на кириите на становите, бесплатен автобуски превоз, универзална и бесплатна грижа за деца на возраст од шест месеци до пет години, како и отворање пет градски продавници за храна – по една во секој округ.

Трамп веќе има покажано дека е подготвен да ја користи федералната финансиска поддршка како средство за притисок врз демократите.

Само еден ден по почетокот на блокадата на владата, Белата куќа го замрзна финансирањето од 18 милијарди долари за инфраструктурни проекти во Њујорк, повикувајќи се на „загриженост околу практиките за разновидност и инклузија“. Потегот загрозува еден од клучните извори на средства за обновување на застарените транспортни системи во регионот, вклучувајќи ги проширувањето на метрото на Втората авенија и тунелот под реката Хадсон.

Освен што може да се соочи со конфликти со администрацијата на Трамп околу финансирањето здравствени и социјални програми, Мамдани е подготвен и за судир поради кампањата на претседателот за депортации.

Мамдани вети дека ќе го зајакне статусот на Њујорк како „град засолниште“, кој ја ограничува соработката на локалните власти со федералните агенции во спроведувањето на имиграциските закони. Во делот од неговата изборна програма под наслов „Њујорк отпорен на Трамп“ (Trump-Proofing NYC), е предвидено инвестирање на 165 милиони долари во правна помош за мигрантите.

Во средата Мамдани изјави дека повикот за „Њујорк отпорен на Трамп“ има цел да ги заштити најранливите жители на градот од политиките на претседателот, кои, според него, се непријателски кон нивните интереси.

Поврзани содржини