ЌЕ ПОЕВТИНИ РОАМИНГОТ СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЕУ Самит за Западен Балкан се одржува во Тирана
На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да усвојат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти.
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествува Самитот за Западен Балкан – Европска Унија во Тирана, Република Албанија. Учесниците на Самитот ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а присустни се највисоки претставници од ЕУ.
На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да усвојат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедуваат подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан. Исто така е предвидено да се потпише договор за намалување на цените на роаминг тарифите помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ.
Премиерот Ковачевски ќе учествува на две панел дискусии посветени на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и соработката меѓу нив во справување со економската и енергетската криза. Во состав на владината делегација се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.